Од вечерва почнува прославата за 35 години независна Македонија

Објавено:

Со концерт на стадионот во Охрид вечерва почнува серијата настани посветени на јубилејот 35 години независна Македонија, , а организаторите најавуваат богата програма и големи музички имиња во пресрет на 8 септември чија завршницата ќе биде настапот на Дејвид Гета на градскиот стадион во Скопје.

Настаните за независноста ќе се одвиваат под мотото „Силно светнал ден“, со настани и концерти во 11 градови во Македонија.

По тој повод, премиерот Христијан Мицкоски го сподели промо-видеото за прославата.

На 1 септември на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе настапи шпанскиот тенор Хосе Карерас, а на 4 септември е најавен настап на повеќе од 120 уметници.

Колку ќе се плати за Дејвид Гета, Хозе Карерас и останатите настани од државниот буџет, ќе биде кажано дури по објавувањето на сите настани.

Видеото е повод и за меѓупартиски пресметки меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ соопштија дека „Мицкоски објави видео 35 години независност без ниеден потпис на ВМРО“.

„Во видеото се најголемите државни успеси на Македонија. Недостасува влезот во НАТО, како и почетокот на преговорите со ЕУ. Сè што е позитивно и државотворно во тие 35 години, е дело на СДСМ“, соопшти СДСМ.

Од ВМРО – ДПМНЕ велат дека видеото носи порака која обединува и го обвинија СДСМ дека повторно застанува „на погрешната страна“. Во партиската реакција се посочува и дека СДСМ го критикува отсуството на содржини поврзани со НАТО, но, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, молчи за промената на името на државата.

„Ова е спот за дел од позитивните страни во овие 35 години. За негативните уште не е снимен, но таму Заев и Венко се во главна улога, а народот сето тоа го памети“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

На 8 септември 1991 година во Република Македонија се одржа успешен референдум по кој беше прогласена независна Република Македонија, која дотогаш беше во рамките на поранешна Југославија.

На референдумот граѓаните се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?. Според конечните резултати од 1.495.626 гласачи, на референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава.