Партија на Турците: Министерството за односи меѓу заедниците не даде пари за ниту една турска граѓанска организација

Објавено:

Ниту една турска граѓанска организација оваа година не доби поддршка од буџетот во износ од 17 милиони денари, наменет за здруженија и фондации од страна на Министерството за односи меѓу заедниците, соопшти Партијата за движење на Турците(ТХП).

Ја повикуваат Државната комисија за спречување на корупцијата и релевантните инситуции итно да ги преиспитаат одлуките и постапките на Министерството за односи меѓу заедниците и да утврдат дали при распределбата на средствата биле почитувани принципите на законитост, еднаквост и недискриминација.

„Меѓу 36-те проекти кои добија финансиска поддршка нема ниту еден проект насочен кон турската заедница. Ова отвора сериозни прашања во однос на принципите на еднаква застапеност и рамноправен пристап до јавните средства. Имајќи го предвид мултиетничкиот и мултикултурниот карактер на државата, целосното изоставување на турската заедница е неприфатливо“, соопшти Партијата за движење на Турците.

Оттаму очекуваат Министерството транспарентно да ја информира јавноста за критериумите и постапката според кои се извршени изборот и распределбата на средствата.

До 2022 година, парите за невладиниот сектор ги доделуваше Генералниот секретаријат на Влада. Потоа, со одлука на владата, државната помош за здруженијата почна да ја распределува Министерството за односи меѓу заедниците.

Според пописот од 2021 година, во Северна Македонија 3,9 отсто граѓани се од турска етничка припадност.

Податоците покажуваат дека од 83 илјади етнички Турци, во земјава живеат речиси 71 илјада, додека останатите 12 илјади се нерезидентно население.