Почина Љупчо Грнчиштанов долгогодишен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, кој беше меѓу обвинетите во главниот предмет за пожарот во „Пулс“ во КОчани од 16 март минатата година во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство.
„Јавното обвинителство е известено. Обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови. Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција“, информираше обвинителството.
На Грнчиштанов, како и на другите 34 обвинети во големиот предмет за пожарот во „Пулс“, му се судеше за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Тој беше обвинет затоа што „не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба“.
Вкупниот број на обвинети во судскиот процес е 35 лица и три фирми. Меѓу нив газдата и лица од сопственичката структура на дискотеката, поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.


