Повредено лице со скршеници на двете потколеници денеска е спасено од непристапен терен над Мало Езеро, под антените на Пелистер.
На 16 август на пладне преку Единствениот број за итни случаи 112 била пријавена несреќата. Повреденото лице било во свесна состојба, но не можел да се движи поради болка и крварење. По пријавата биле известени Итната медицинска помош, СВР Битола, Дирекцијата за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица Битола и Националниот парк „Пелистер“.
Поради непристапниот терен првично била побарана и воздушна поддршка. Сепак, екипата на Дирекцијата за заштита и спасување од Битола успеала да стигне до повредениот, по што тој бил транспортиран со теренско возило. Во акцијата се вклучила и ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“.
Околу 13:45 часот екипите на ДЗС и Националниот парк се пресретнале кај месноста Ловечка куќа, каде што лекар од Итната медицинска помош му укажал медицинска помош на повредениот. Лицето потоа било насочено кон Инфоцентарот на Пелистер, од каде што екипа на Итната медицинска помош треба да го транспортира до Клиничката болница во Битола.
Центарот за управување со кризи ја координирал целата спасувачка интервенција.



