Пожари во осум општини во државата, утрово избегната катастрофа кај Прилеп

Објавено:

Избегната е катастрофа во прилепското село Бонче, откако таму избувнал пожар кој поради ветрот, утрово околу 4 часот се доближил до првите куќи. За ова информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов кој вели дека ситуацијата била исклучително сериозна.

Во гаснењето на пожарот во ова село во кое има педесетина куќи, учествувале пожарникари од Прилеп и Кавадарци, но и доброволци од Битола и Кочани.

„Ако не беа тука, огнот ќе поминеше низ селото, а ќе имавме страшна глетка. Таму живее и млада мајка со бебе, што ја видов изминативе денови“, изјави Ангелов.

Сериозна состојба има и кај селото Палиград во Општина Студеничани, каде огнот исто така се приближил до населеното место.

„Таму има тим од професионални пожарникари кои дежураа. Таму дејствуваат ер-тракторите. Тој пожар, кој е на планината Китка, неколкупати е гаснет“, додаде Ангелов.

Претходно тој оцени дека вчерашниот ден (22 август) бил еден од најтешките оваа сезона, кога се работи за пожарите на отворен простор. Центарот за управување со кризи пак, соопшти дека само во изминатото деноноќие се регистрирани 31 пожар на отворен простор. Од нив, 23 веќе се изгаснати, а активни пожари има во 8 општини.

Директор на ДЗС, Ангелов вчера апелираше да не се шири паника бидејќи како што рече „пожари имало и ќе има“, а поради високите температури, нивниот број ќе расте.

Температурите денеска ќе се движат од 29 до 40 степени – соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Оттаму прогнозираат сончево и многу топло време, а во попладневните часови на места се очекува зголемена област со услови за за пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирано невреме со силен ветер и појава на град.

Од УХМР најавуваат дека времето утре ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди, а температурата ќе опадне за неколку степени. Во попладневните часови, ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има услови за невреме со силен ветер и појава на град. Дневната температура утре ќе биде од 29 до 38 степени.