Ставен е под контрола големиот пожар кај Струмица

Објавено:

Големиот пожар кој избувна вчера околу пладне и се прошири до градот, поточно до месноста Софилар е ставен под контрола – информираше командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев.

Во гаснењето на пожарот, покрај струмичките пожарникари учествуваа и пожарникари од околните градови, а во гаснењето се вклучи и еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Според последната изјава на градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, нема поголеми материјални штети, иако огнените јазици во еден момент навлегоа во дворовите на куќите и викендичките во месноста Софилар.

Во гаснењето на пожарот беше вклучена и механизација на Јавното претпријатие „Комуналец“ и на други компании кои работеа на ископување на противпожарни пречки, пренесе државната новинска агенција МИА.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов во видео изјава апелираше да не се создава паника, но рече дека поради високите температури, бројот на пожари во претстојните денови ќе расте.

Претходно, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) предупреди дека пожарите на отворено претставуваат значаен ризик за јавното здравје.

Покрај директните последици од огнот, изложеноста на чад може да влијае врз здравјето и на населението кое живее далеку од опожарените подрачја, бидејќи загадувачките материи можат да се пренесуваат на големи растојанија – истакнаа од Институтот.

Оттаму објаснија дека „чадот од пожарите на отворено е сложена мешавина од суспендирани честички (PM₁₀ и PM₂.₅) кои можат да навлезат длабоко во белите дробови и се поврзани со воспалителен одговор и оксидативен стрес на различни органски системи“.