Најмалку две лица загинаа, а неколку се повредени во пожарите што во неделата ја зафатија грчката островска Саламина, западно од Атина. Огнот брзо се проширил низ шумски и населени подрачја, поради што властите наредиле евакуација на повеќе од 500 луѓе, додека биле подготвувани и пловила за евентуална евакуација по море.
Во гаснењето биле ангажирани околу 200 пожарникари, со противпожарни возила, авиони и хеликоптери, како и доброволци и општински цистерни. Силниот ветер дополнително го отежнувал гаснењето и придонел за брзото ширење на пламените. Причината за пожарот засега не е утврдена.
Пожарот на Саламина е најновиот во серијата големи шумски пожари што ја зафатија Грција во последните денови.
На Халкидики, пожарот во туристичкото место Сивири принуди стотици туристи и жители да го напуштат подрачјето, а околу 500 луѓе беа евакуирани со чамци и бродови бидејќи евакуацијата по копнен пат била отежната поради огнот и сообраќајниот метеж.
Пожарите се случуваат во период на високи температури, суша и силни ветрови, кои создаваат исклучително поволни услови за брзо ширење на огнот. Грчките власти во повеќе региони издадоа предупредувања за висок ризик од пожари, додека пожарникарите остануваат во состојба на зголемена готовност.
Последните пожари се дел од поширок бран шумски пожари што во август ја зафатија Европа, при што екстремните горештини и сушата ја исушија вегетацијата и го зголемија ризикот од неконтролирано ширење на огнот.



