Предупредување на ризиците од високите температури кои траат втора недела по ред

Објавено:

Високите температури во Македонија продолжуваат и втора недела, а Институтот за јавно здравје предупредува дека најголем ризик имаат повозрасните лица, хронично болните и луѓето кои редовно користат терапија.

Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), лицата над 65 години потешко се приспособуваат на продолжена изложеност на високи температури. Дополнителен ризик претставува и употребата на одредени лекови кои можат да влијаат врз способноста на организмот да ја регулира телесната температура. Сепак, терапијата не треба да се менува или прекинува без претходна консултација со лекар.

ИЈЗ препорачува да се избегнува директно изложување на сонце, особено од 11 до 17 часот, како и поголема физичка активност на отворено во најтоплиот дел од денот. Водата треба да се внесува редовно, без да се чека појавата на жед, додека алкохолот треба да се избегнува, а пијалаците со кофеин да се ограничат.

За лицата кои работат на отворено или во простории со високи температури веќе е активирана Фаза 2 од Акцискиот план за заштита од топлотни бранови. Меѓу најизложените се градежните и комуналните работници, земјоделците, доставувачите, сообраќајната полиција, како и вработените во производствени погони, пекарници, кујни и леарници.

ИЈЗ ги повикува работодавачите да обезбедат почести паузи, доволно вода за пиење и пристап до засенчени или разладени простории. Каде што е возможно, најтешките работни задачи треба да се организираат надвор од најтоплите часови.

Вртоглавица, слабост, главоболка, гадење, обилно потење, ненадеен прекин на потењето и конфузија може да бидат знаци на топлотна исцрпеност или топлотен удар. При сомневање за топлотен удар, потребно е веднаш да се повика медицинска помош на 194 или 112. Лицето треба да се премести во ладен простор и веднаш да започне процесот на разладување.

И во домовите се препорачува заштита од топлината. Просториите треба да се засенчуваат во текот на денот, а да се проветруваат во периодите кога надворешната температура е пониска. ИЈЗ советува, доколку е возможно, меѓу 13 и 17 часот да не се користат рерни, шпорети и други уреди кои дополнително го загреваат воздухот во домот.