Принцот Хари и Меган ги напуштаат САД и се селат во Велика Британија

Објавено:

Војводата и војвотката од Сасекс, принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл, планираат да се вратат во Велика Британија, објави Би-би-си њуз.

„Дејли Телеграф“ и „Сан“, пак, објавија дека Хари и Меган имаат намера да се преселат од САД кон крајот на август и да живеат во приватна резиденција надвор од Лондон, која не е дел од кралскиот имот.

Децата на двојката, принцот Арчи (седум) и принцезата Лилибет (пет), се запишани за да започнат со школување во британско училиште во септември.

Кралот Чарлс бил информиран за преселбата во неделата. Но, моментално, како што пишува Би-би-си, Хари и Меган немаат план да се вратат на обврските и улогите како членови на кралското семејство.

Тие со нивните деца го посетија кралот во неговиот дом во Хајгроув во јули оваа година, но тогаш не се дискутирало за преселбата.

Според информациите на Би-би-си, кралот не знаел ништо за преселбата се до изминатиот викенд, а кога дознал ја поздравил можноста тие да се вратат во Велика Британија.

Принцот Хари и Меган ја напуштија Велика Британија и се повлекоа од своите кралски должности на почетокот на 2020, пред да започнат да живеат во Калифорнија во март истата година.

Односите со остатокот од семејството оттогаш беа затегнати се до посетата што ја имаа тие со кралот Чарлс и кралицата Камила во јули годинава.

Тоа беше и првпат кралот да ги види своите внуци лично по повеќе од четири години.

Принцот Хари и Меган не ни патуваа заедно во Велика Британија од 2022, кога присуствуваа на погребот на кралицата Елизабета II.