Пропуст или дипломатска измама: Британскиот премиер се допишувал со лажна шефица од Белата куќа

Објавено:

Британскиот премиер Ендрју Барнам разменувал пораки со лице кое лажно се претставувало како Сузи Вајлс, шефица на кабинетот во Белата куќа. Комуникацијата траела неколку дена пред премиерскиот кабинет да се посомнева во автентичноста на контактот. Случајот предизвика тревога меѓу безбедносните служби во Лондон и Вашингтон, откако британската амбасада во САД го пријави инцидентот до американската администрација оквалификувајќи го во јавноста како софистицирана дипломатска измама, објавија светските новински агенции.

Инцидентот започнал непосредно откако Барнам ја презеде премиерската функција. Според извори запознаени со настанот, премиерот одговорил на пораки од личност која тврдела дека е еден од најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп. По неколку разменети пораки, британските официјални лица забележале несовпаѓања во содржината и го прекинале контактот, објави „Политико“.

Пораките немале критична содржина

Од Даунинг стрит одбија да дадат детални објаснувања за медиумите. Официјалниот портпарол само кратко изјави дека владата не коментира прашања поврзани со националната безбедност. Сепак, извори блиски до кабинетот тврдат дека разменетите пораки немале критична или доверлива содржина што би ја загрозила државната безбедност.

Откако се потврдило дека не се работи за вистинската Сузи Вајлс, британската амбасада во Вашингтон го известила тимот во Белата куќа за потенцијалниот хакерски упад или злоупотреба на идентитетот. Случајот отвори прашања околу тоа дали личните контакти на американските и британските функционери се безбедни од дигитално лажно претставување.

Американските и британските безбедносни служби во моментов спроведуваат интерни проверки за да утврдат како измамникот дошол до приватниот телефонски број на премиерот и дали слични обиди биле насочени кон други високи претставници на владата.

Белата куќа за сега без коментар

Во британската влада постоела загриженост дека телефонот на Вајлс повторно бил хакиран. Од Белата куќа одбиле да го коментираат случајот.

Минатата година Белата куќа и ФБИ започнаа истрага откако американски сенатори, гувернери и директори на компании добиле пораки и телефонски повици од некого кој тврдел дека е шеф на кабинетот на Трамп. „Волстрит џурнал“ објави дека Вајлс им кажала на своите соработници дека нејзините контакти во мобилниот телефон биле хакирани. Не е познато за што разговарале Барнам и измамникот, ниту кога биле испратени пораките. Деталите за лажниот контакт биле чувани во строга тајност.