„Ново“ македонско државно знаме со 12 краци, уметничка инсталација или само повод за уште една политичка кавга на стартот на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија. Или се во едно?
На синоќешната прослава на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, како дел од прославата, можеше да се види и визуелизација на македонското знаме на видео бимови, кое беше со 12 краци, наспроти државното 8-крако знаме. Најголемиот дел од медиумите во Македонија ја пренесоа информацијата, како и фотографиите од „погрешното знаме“.
СДСМ: По Букефал со пет нозе, сега и знаме со 12 краци
Прв реагираше опозицискиот СДСМ, за кој, ова е „пропуст и срамота“.
„На официјална државна прослава по повод 35 години независност, платена со милиони евра народни пари, Владата на премиерот Христијан Мицкоски го утна македонското знаме. Срамота. Не го сменија името, но успеаја да го сменат знамето. Нова верзија на знамето за држава со политика, како што вели Мицкоски ‘Нема воз за ЕУ, има само вагон што сами си го клатиме’“, реагираа социјалдемократите.
Од нивната партија веднаш споделија и фотографија на која се гледа македонско знаме, но со 12 краци.
„Патриотите со бугарски пасоши не знаат ниту како изгледа македонското знаме. Имаме коњи со пет нозе, вијадукти од Босна, храмови од Белград. За сè се користи вештачка интелигенција – затоа што природна нема“, реагираше СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ: На СДС му пречи и уметничка инсталација, само за да оцрнуваат
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за уметничка инсталација во која повеќекрако сонце визуелно се претопува во македонското државно знаме со осум зраци.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче намерно го оцрнуваат настанот, иако, како што наведуваат, тој бил позитивно прифатен од граѓаните.
„На СДС сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи на политиките на претходните влади во однос на државните симболи и други прашања поврзани со државноста.
Од партијата упатуваат низа обвинувања кон СДСМ, меѓу кои и за уставните промени и политиките поврзани со историските и националните прашања. ВМРО-ДПМНЕ оценува дека манифестацијата „Силно светнал ден“, организирана по повод 35 години независност, ја обединила државата и била позитивно прифатена од граѓаните. Од партијата додаваат дека, според нив, критиките од СДСМ се обид за оцрнување на проектот и порачаа дека власта ќе продолжи со активности за, како што наведуваат, враќање на достоинството и напредокот на Македонија.
СДСМ бара одговорност
Од СДСМ побараа Владата да објави која компанија била ангажирана за организацијата на настанот и да се соопшти колку средства биле потрошени за прославата, како и кој ќе понесе одговорност за, како што велат „пропустот со државното знаме“.
Согласно член 4 од Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија, државното знаме треба да се прикажува исклучиво во формата и со содржината утврдени со закон, без какви било измени. Според член 30 од истиот закон, за употреба на знамето во поинаква форма и содржина од пропишаната се предвидени парични глоби до 5.000 евра.
На 30-годишнината од независноста ВМРО-ДПМНЕ велеше дека се „сквернави знамето“
Не е прв пат како стилизирано знаме да се користи со 12 краци наместо 8, колку што има на официјалното знаме.
Во 2021 година, тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ го осуди изборот на логото на за одбележување на 30 годишнината од независноста, коментирајќи дека тоа е сквернавење на знамето, а како што беше наведено во нивното тогашно соопштение го доведува во прашање и општественото уредување и историски континуитет на македонската државност, пишува новинската агенција Макфакс.
Синоќешната прослава на охридскиот стадион „Билјанини извори“ беше првиот настап од предвидената серијата настани посветени на јубилејот 35 години независна Македонија, а организаторите најавуваат богата програма и големи музички имиња во пресрет на 8 септември чија завршницата ќе биде настапот на Дејвид Гета на градскиот стадион во Скопје.
На стадионот „Билјанини извори“ настапија Игор Џамбазов и повеќе од 30 македонски изведувачи, а преку музика, театар и поезија беше претставена приказната за македонската држава, нејзината историја, успеси, загуби и генерации.



