Рама: Господ, секс и ЕУ се трите работи што не можете да ги предвидите

Објавено:

Албанскиот премиер Еди Рама изрази загриженост и критика кон Европската Унија за процесот на проширувањето пред почетокот на Самиот на Европската Унија и Западен Балкан во Тивaт, Црна Гора. Во одговорите на новинарските прашања посветени на предлогот на Германија и Франција за таканареченото „Фазно проширување“ посочи дека тој предлог е недоволен и дека е потребно Унијата да покаже повеќе храброст.

Рама на духовит начин забележа дека дека влезот во ЕУ е непредвидлив.

„Кога Aлбaнија ќе се приклучи на ЕУ ме прашувате? Има три работи што не можеш да ги предвидиш. Три, нели? Бог, секс и ЕУ?“ кусо одговори Рама.

Станува збор за таканречен „нон пејпер“ на Париз и Берлин со кој се предлага на Самитот да се спроведе иницијатива за фазно проширување на ЕУ, со кое земјите кандидати за членство во Унијата може да добијат пристап до делови од ЕУ пазарот и политики пред полноправно членство, но без целосни права на членка.

Според текстот на документот, за кој се очекува да се дискутира денеска на состанокот во Тиват, се предлага нов пристап што ќе ги намали прекумерно формализираните процедури и ќе ја поедностави сегашната методологија, на пример, преку спојување на одредени чекори во процесот.

Дополнително, во нон-пејперот се наведува дека, „со целосна согласност на земјите членки, треба да се забрза отворањето на сите релевантни преговарачки кластери кога тоа ќе го предложи Европската комисија“.

Рама во одговорите постојано апелираше ЕУ да покаже храброст слична на онаа на Хелмут Кол при обединувањето на Германија, наместо да инсистира на бирократски процеси како што се 35-те поглавја пред самата интеграција.

„Во спротивно, тоа е како на децата да им кажете: Додека не пораснете, останете кај соседите. Тогаш едно дете ќе запознае руски гангстер, друго ќе се фасцинира од кинески кукли. А кога ќе пораснат, можеби веќе нема да бидат подготвени да им се вратат на своите родители“, изјави Рама.

Албанија минатиот месец стана втората земја-кандидат, по Црна Гора, која го доби Извештајот за оценка на привремени критериуми (IBAR). Со тоа Албанија ги исполни привремените услови од кластерот „Основи“, што е најчувствителниот дел од пристапниот процесот, при што влезе во нова фаза од преговорите. Албанија го отвори кластерот „Основи“ во октомври 2024 година, а до ноември 2025 година го заврши скрининг-процесот во сите шест преговарачки кластери. Во декември 2025 година Албанија го отвори и последниот преговарачки кластер, со што формално ги стави во движење сите 33 поглавја.