Романија денес потона четири баржи натоварени со камења во Дунав за да го пренасочи течението на реката кон нуклеарната централа Чернавода, пред извесното затворање на делови од неа рекордно ниските нивоа на реката.
Екстремните топлотни бранови и оскудните врнежи од дожд низ регионот го турнаа Дунав на рекордно ниски нивоа во текот на изминатата недела. Тоа ги принуди Романците да затворат засега само еден реактор во Чернавода.
Нуклеарната централа произведува околу 20 проценти од електричната енергија во земјата со полн капацитет и користи речна вода за ладење на своите реактори.
Четирите баржи натоварени со камења со коишто се пренасочува Дунав, претходно беа обезбедени со интервенција на воската во близина на каналот Бала на Дунав оваа недела.
Директорот на централата, Ромео Уриан, за локалните медиуми изјави дека нивото на водата во Дунав се намалило за околу два сантиметри од вчера и оти, доколку баржите не бидат ставени во реката за пренасочувањето, веројатно за пет-шест дена ќе мора да биде исклучен и вториот реактор на централата.
Романските власти досега спроведоа низа итни мерки од затворањето на првиот реактор, вклучително и длабинско чистење на реката.
Протокот на вода во Дунав во Романија оваа недела падна на најниско ниво во последните децении – 1.400 кубни метри во секунда – помалку од една третина од нормалната вредност за ова време од годината.
Вршителот на должноста премиер на Романија, Илије Болојан, прогласи национална вонредна состојба во енергетскиот сектор на 31 јули, а денес повторно ги повика граѓаните и локалните власти да ја ограничат потрошувачката на електрична енергија во вечерните шпиц часови.



