Клучни предизвици за натамошниот економски развој на земјата се ниската продуктивност и инвестиции, слабата конкуренција и владеењето на правото, како и недоволно искористениот и сè помал човечки капитал.
Ова се вели во извештајот на Светска Банка (СБ) „Македонија: Излез од стапицата на среден доход“, кој ќе биде презентиран денеска во Скопје, а им беше претставен вчера на пратениците во парламентот.
Во него уште се наведува дека забрзувањето на економскиот раст бара спроведување реформи во повеќе области, со посебен акцент на подобрување на управувањето и конкурентноста, поттикнување на инвестициите, технологијата и иновациите, како и развој на вештините и подобро искористување на работната сила.
Според презентираните процени, целосното спроведување на реформската агенда може да придонесе за повисок економски раст, создавање нови и подобро платени работни места и побрзо приближување на државата кон нивото на доход во Европската Унија.
Како клучен предуслов за остварување на овие цели беше нагласена потребата од континуирана политичка посветеност, институционален капацитет и доследно спроведување на реформите.


