СДСМ: Братот на Трајко Славески е незаконски унапреден во М-НАВ

Објавено:

Братот на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, Сашо Славески, е незаконски унапреден од чувар во помошник за обука и координација во Одделението за воздухопловни информации во Акционерското друштво за вршење на дејност давање услуги во воздухопловната навигација (М-НАВ), тврди СДСМ.

Унапредувањето го направило извршниот одбор на М-НАВ, поради што членовите добија и кривична пријава.

„Со тоа платата двојно му се зголемила, од 50.000 на околу 100.000 денари. Значи, за само 14 месеци незаконски му биле исплатени повеќе од 7.000 евра на штета на М-НАВ… Нема систем, нема критериуми, квалификации, искуство. Ништо. Единствениот критериум е тоа што е брат на Трајко Славевски и близок до ВМРО. Така М-НАВ наместо за безбедност на македонското небо е претворено во партиски комитет на ВМРО“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Информации за кривичната пријава против членовите на М-НАВ пред три дена објави Фокус. Како што се наведува во дел од кривичната, вкупната прибавена имотна корист за унапредениот работник односно штетата за М-НАВ досега е околу 7.000 евра.