До крајот на месецов ќе биде завршена процедурата околу новиот ребаланс на Буџетот, втор годинава, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„Се намалуваат и расходите и приходите бидејќи кај приходната страна имаме помалку 7-8 милијарди денари. Тоа е резултат на намалените акцизи, односно намалените приходи од акцизите и намалените приходи од намаленото ДДВ“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на парашања на новинарите за време на неговата посета во Теарце.
Мицкоски додаде дека земјава и натаму останува со најефтино гориво.
„Од 25 до 50 центи по литар сме поевтини од сите во регионот. Тоа е наша цел, а тоа што ќе се крати и од расходите и од приходите и мислам дека нема да се почувствува во делот на економијата“, вели тој.
Лошо менаџирање на економијата, а не намалувањето на акцизите и ДДВ за горивата е причина за најавениот ребаланс на Буџетот, одговори од другата страна лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче.
„Ако недостатокот е околу 130 милиони евра, треба да се знаат вистината и фактите во однос на ДДВ и акцизата кај горивата. Вкупниот прилив по основ на ДДВ и акцизи на горива во 2025 година, кога немало криза, бил околу 500 милиони евра, односно околу 470 до 500 милиони евра. Значи дека три месеци требало да не се наплаќаат ДДВ и акцизи за да недостасуваат околу 130 милиони евра, како што кажува премиерот. Што значи – тоа не е вистина“, изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Тој објасни дека и покрај намалувањето на ДДВ и акцизата, вкупната цена на горивата во изминатиот период пораснала за повеќе од 50 отсто, што според него значи дека приливите во Буџетот од ДДВ и акцизи не би требало да бидат намалени, туку би требало да останат најмалку на исто ниво.
Мицкоски не прецизираше каде најмногу ќе се кратат расходите, односно кои буџетски корисници ќе добијат помалку средства. Според најавите, до крајот на месецов ќе биде завршена процедурата околу новиот ребаланс на буџетот, кој е втор годинава.
Новиот ребаланс на Буџетот беше најавен минатата среда (на 30 септември), но тогаш премиерот Мицкоски спомна други бројки. Разликата во двете изјави е околу сто милиони евра.
„Станува збор за 6-7 милијарди (денари). Тоа се нашите проценки. Ја разгледуваме можноста да се направи ушет еден ребаланс, но она кое што претставува наш приоритет како Влада, е да го задржиме стандардот на граѓаните, да се контролира ниското ниво на инфлација, и нормално да ја задржиме најниската цена на горивата не само во регионот туку и во Европа“, изјави Мицкоски минатата среда.
Инаку, со ребалансот на Буџетот за 2026 година, донесен пред три месеци очекувањата за вкупните приходи пораснаа за 1,2 проценти повеќе од предвиденото во Буџетот, односно на речиси 6,2 милијарди евра, додека трошоците се зголемија на 6,9 милијарди евра или повеќе за 2,8% од првичните проекции. Буџетскиот дефицит е проектиран на околу 753 милиони евра или 4,1% од БДП, односно за 0,6 процентни поени повеќе во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година.


