Никому не му должиме за тешко изборената држава. Токму затоа, никој нема право да ја ревидира нашата национална историја оти секој народ има право на своја историја – истакна денеска во својот говор претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давковка по повод 2 Август – Илинден.
На свеченоста што под нејзино покровителство се одржа пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје, таа истакна дека „имаме долг кон историската вистина и кон асномската генерација“, којашто како што рече, „со крв извојува слобода и македонска република“.
Претседателката нагласи дека Илинден е вистински ден за потсетување и за одбележување на борбата на многу генерации за самостојна македонска држава. Истакна дека АСНОМ не е стихиен или случаен настан, туку длабоко осмислен демократски државотворен чин, историски инспириран од традициите на Француската револуција и на Илинденското востание.
-Старите илинденци, Панко Брашнаров, Димитар Влахов и Павел Шатев во АСНОМ ги отелотвориле заветот и аманетот на Гоце Делчев и на илинденските херои. Владимир Полежиновски, млад доктор по право од Сорбона, го вдахнал духот на Француската револуција од 1789 година, со којшто бил задоен, во „Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија“, по примерот на француската „Декларација за правата на човекот и граѓанинот“ – додаде Сиљановска Давкова.
Токму затоа, посочи таа, „асномските државотворни документи се концептуално поблиски до западните демократски и либерални традиции, отколку до источните, догматски советски решенија“.
Харизматичниот народен трибун, Методија Андонов-Ченто пак, истакна таа, кому му се поклонуваме денеска, го афирмирал правото на самоопределување на македонскиот народ.
„Истото стана составен дел на основачките документи на Организацијата на обединетите нации, но и на уставите на членките на Југословенската Федерација, вклучувајќи го и Уставот на Република Македонија од 1974“, порача претседателката.
Осврнувајќи се на современите предизвици, Сиљановска-Давкова истакна дека е неопходна борба против корупцијата, организираниот криминал и партократијата, со цел младите да останат да живеат и работат во Македонија. Таа порача дека знаењето и успехот мора да бидат поважни од партиската припадност и личните врски.
Претседателката оцени дека македонскиот пат останува проевропски, но предупреди дека земјата се соочува со постојани барања кои, како што рече, го нарушуваат правото на самоопределување. Таа додаде и дека е потребно надминување на внатрешните поделби и единство околу прашањата од национален интерес.



