Со 55 илјди евра гаранција, Богоев ослободен од притвор

Објавено:

Кривичниот суд донесе одлука со која ја прифати понудената гаранција на осомничениот поранешен директор на Царинската управа Стефан Богоев и му ја укина мерката притвор. Судот одлучуваше по жалбата на осомничениот на решението на судија на претходна постапка од 04.06.2026 година со кое, Богоев доби 30 дневен притвор.

Богоев во судот достави гаранција од 55.000 евра кои се депонираат како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката. Во меѓувреме судот го задолжи Богоев редовно да се пријавува и му го одзеде пасошот.

Богоев и неговиот поранешен помошник директорт се осомничени за „злоупотреба на постапката за јавен повик“, и примање на мито од речиси две илјади евра за „местење на тендер“ за чистење и одржување на граничните премини. Другите двајца осомничени се управителот на фирмата „Климо комерц“ и вработен во неа. Четворицата за стекнување на противправна корист од „наместен тендер“.

„Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари“, беше наведено во соопштението на Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Според доказите на обвинителите, првоосомничениот злоупотребувајќи ја својата функција и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.

Финансиската полиција соопшти дека прибраните докази покажуваат дека поранешниот директор влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а помошникот директор, влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка. Со тоа обезбедиле услови, како што поажуваат податоците од Бирото за јавни набваки, фирмата Климо комерд да биде избрана и да се стекне со противправна имотна корист во вредност од 300 илјади евра.

„Пријавениот А.С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот С.Б. во својство на директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д.Г., влијаеле кај пријавениот С.М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот С.Б., за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат, за што пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М“, е наведено во соопштението до Финансиската полиција.

Истрагата покажала дека Богоев примил мито од две илјади евра за да ја спроведе набавката во интерес на фирмата што ја добила, објаснуваат во соопштението обвинителите. Обвинителството бара од Основниот кривичен суд да им одреди мерка притвор за сите четворица осомничени.

Според известувањето на дел од медиумите, истрагата на Финансиската полиција била фокусирана на јавна набавка од 2023 година Станува збор за тендер наменети за хигиена и одржување на граничните премини и терминалите во вредност од 325 илјади евра. Претходната година истата фирма го добила тендерот во износ од 200 илјади евра.

Со компанијата за која се сомничи Богоев дека склучил коруптивна зделка, годинава Царинската управа склучила договор за одржување на рампите на граничните премини во вредност од 40 илјади евра. Со нив лани во декември договор за јавна набавка склучило и Министерството за внатрешни работи за услуги за сервисирање и тековно одржување на високопритисна опрема, термотехничка инсталација, хемиско и механичко чистење на котелски единици во вредност од половина милион евра.

Според опозицијата, станува збор за монтиран случај, за како што велат, обид за дефокусирање од критиките што доаѓаат од Европската Унија, “откако уште еднаш се потврди дека Македонија стои во место поради криминалот и корупцијата на власта“.