Со донирани органи спасени два животи

Објавено:

Со органи од починат донор, спасени се два човечки животи, објави Министерството за здравство обидувајќи се да ја зголеми свеста за важноста на органодарителството.

„Постојат одлуки што ја менуваат смислата на зборот „живот“. Одлуки донесени во најтешките мигови, кога болката е најголема, а срцето сепак избира да даде согласност. Токму таква одлука, донесена од едно семејство минатиот месец, денес значи нов почеток за двајца пациенти. Со нивната хумана согласност за органодарителство, беше извршена трансплантација – и два живота добија нов, квалитетен продолжеток“, наведуваат од Министерството.

Органодарителството, посочуваат оттаму, не е само медицински туку и чин на длабока човечност.

„Зад секоја трансплантација стои тим, но пред сè стои една хумана одлука. Таа одлука е она што го прави можно чудото на новиот живот“, порачува докторката Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Пораките испратени преку објавата на Министерството за здравство доаѓаат во пресрет на 13 Август – Светскиот ден на органодарителството. Здравствените власти во Македонија велат дека се приклучуваат на светската иницијатива за подигање на свесноста за значењето на дарувањето органи.

Во обид да ја олесни процедурата, надлежните направија и законски измени. На крајот на јуни, по предлог на Министерството за здравство и Владата, беше изгласани нови одредби со кои се предвидува дека секој граѓанин сам ќе може да одлучи дали по својата смрт ќе биде дарител на органи, како и оти таква одлука ќе може да носат роднини до четврто колено.

Пациентот согласноста ќе може да ја даде кај својот матичен лекар, кој ќе ја внесе во систем, а институциите во секој момент ќе имаат увид во бројот на дарители.

Досега одлука дали ќе се даруваат органи носи само најблиското семејство, по смртта на пациентот.

Новите законски одредби треба да почнат да се применуваат од 1 октомври.

Според податоците кои беа објавени од здравствените власти на почетокот на јули, во Македонија има 168 пациенти што чекаат за донирање бубрег, 37 за срце, 12 за црн дроб и 23 за рожници.