Полнолетните граѓани отсега ќе можат официјално да се изјаснат дали сакаат да ги донираат своите органи по смртта, а кругот на живи донори се проширува до чевртиот степен на сродство. Ова се двете клучни измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело, кои ги усвои Собранието. Со ова решение, Собранието со 58 гласа „за“ и 6 „против“, ги усвои измените на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, со што се менува пристапот кон органодарителството и трансплантацијата во земјата.
Според новите законски измени, изјавата за органодарителство по смртта ќе се дава кај матичниот лекар и ќе се евидентира во електронскиот систем „Мој термин“ со двојна верификација. Граѓаните ќе имаат целосна контрола врз оваа одлука и ќе можат да ја изменат или повлечат во секое време.
Втората измена овозможува трансплантација од жив дарител да се врши и меѓу поширокото семејство, односно до четврти степен на сродство. Со цел да се спречат злоупотреби, притисоци или трговија со органи, секоја ваква процедура ќе мора да добие одобрение од Етичката комисија.
„Трансплантацијата не е само медицинска постапка, туку е живот, надеж и можност еден човек и по неговата смрт да продолжи да живее преку животот на некој друг“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу, кој најави дека лично ќе биде првиот што ќе се регистрира во новиот систем.
Од Министерството за здравство очекуваат дека со овие промени ќе се зголеми транспарентноста и ќе се зајакне довербата во здравствениот систем. Министерот посочи и дека дигиталната евиденција ќе има и поширока општествена улога – државата конечно ќе добие појасна слика за тоа колкав е интересот за органодарителство и каде постои потреба од дополнителна едукација и градење доверба. Паралелно, најавена е и национална кампања за подигање на јавната свест, во која ќе бидат вклучени матичните лекари, образовните институции, здруженијата на пациенти и верските заедници.


