Собранието ќе биде клучно за реформската агенда на Македонија

Објавено:

Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, денеска имаше средба со амбасадорот на Европската унија во Скопје, Михалис Рокас, на која заклучиле дека во следниот период Собранието има главна улога во усвојување на законите од реформската агенда.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши истакна дека ЕУ за граѓаните на нашата држава не е само политички и економски блок, туку таа претставува посветеност на вредностите како демократија, владеење на правото, човекови права и солидарноста. Тој потенцирал дека покрај тоа што нашиот европски пат е тежок и макотрпен, Собранието посветено работи на усвојување на законите од реформаската агенда. Собранискиот спикер посочил дека се работи на домашните реформи поврзани со поглавјата и законодавството на ЕУ, не само заради тоа што тие се дел од нашиот евроинтегративен процес, туку затоа што се неопходни за нашите граѓани и за нашата просперитетна иднина. Исто така, тој изрази очекување дека наскоро ќе започнеме процес на преговори кој ќе биде одржлив и кој ќе може да се спроведе со цел да нѐ доведе до полноправно членство, а притоа да бидат заштитени нашите интереси, пренесе МИА.

Амбасадорот Рокас истакнал дека процесот на проширување на Европската Унија е актуелен и новите глобални геополитички случувања овозможуваат тој процес да биде забрзан. Тоа, посочил тој, ќе овозможи проширената Европска Унија подобро да одговори на новите геополитички предизвици.

Двајцата се согласиле дека во следниот период Собранието има главна улога во усвојување на законите од реформската агенда, кои се потребни за натамошно напредување на земјата кон Европската Унија како и за поцелосно искористување на можностите кои се нудат од Планот за раст на ЕУ за Западниот Балкан, информираат од собраниската прес-служба.