По две години истрага, полицијата и обвинителите обезбедија доволно докази за приведување на осомничен брачен пар за убиство на матичниот доктор Ацо Трпковски во скопската населба Автокоманда. Станува збор за убиство кое, според соопштението од Основното Обвинителство, го извршил 65 годишен маж, а неговата сопруга била соучесник и во убиството и во обидот да се сокријат доказите. Убиениот Трпковски имал 67 години и работел во своја приватна ординација.
„Осомничената се договорила со жртвата да се најдат на наведеното место. Кратко време откако влегла во неговиот автомобил, пристигнал осомничениот. Тој ја отворил вратата од возилото и го извлекол оштетениот, со кого започнале вербално да се расправаат. Во еден момент, осомничениот извадил нож и му нанел девет убодни рани во градите и телото од кои оштетениот починат“, се вели во соопштението.
По убиството сопружниците заедно го ставиле телото на предното седиште од автомобилот, по што сопругот го одвезол до паркингот на Поликлиниката Железара, каде го префрлил убиениот доктор на возачкото седиште. Обвинителите тврдат дека осомничената со средство ги избришала трагите од автомобилот и потоа и двајцата заминале.
Телото на убиениот го пронашле следниот ден неговите синови, кои го барале цела ноќ затоа што не се вратил дома. По ова приватните лекари во израз на незадоволство не работеа неколку часови во знак на почит кон убиениот колега, но и рекоа дека се чувствуваат небезбедни. Лекарите бараа услови за безбедно работење и построги казни за напад на здравствените работници.
Во тој период биле приведени три лица осомничени за убиството и задржани 48 часа во притвор, но поради недостиг на докази постапката „заглавила“.
Според изјавата од 24 март 2024 година на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, мотивот за убиството не било поврзано со докторската професија.
Јавниот обвинител до судијата за претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени сопружници.


