Снимките и фотографиите од живи и мртви глодари по скопските улици се споделуваат на социјалните мрежи, додека граѓаните секојдневно реагираат на неподносливата миризба и преполнетите контејнери. Според објавите на социјалните мрежи, најалармантно е во скопски Буњаковец, кај училиштето „Песталоци“, но и во Драчево во Општина Кисела Вода.
Во меѓувреме системскиот одговор зависи од секоја општина посебно, велат од Град Скопје.
На денешната седница на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), на која присутните градоначалници расправаа за прашања како овчата сипаница во Источниот регион, условите во градинките и унифицираните правилници за урбана опрема, прашањето со комуналниот хаос и наездата од стаорци била споредна точка, јавува ТВ Телма.
Според соопштението кое беше испратено до медиумите како поважна точка на дневен ред било барањето на Стопанската комора во однос на измените на Законот за комуналните такси и подготовките за одржување на Генералното собрание на ЗЕЛС, кое е предвидено да се одржи во средината на декември.
„Генералното собрание претставува значаен простор за заедничко разгледување на состојбите во локалната самоуправа и утврдување на идните приоритети и активности на ЗЕЛС“, се вели во нивното соопштение.
Иако проблемот не бил официјално уреден како посебна точка на дневниот ред, претседателот на ЗЕЛС и скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, пред почетокот на седницата за ТВ Телма изјави дека дека испратил писмен допис до сите општини да си ја извршат сопствената обврска за дератизација, најавувајќи дека уште еднаш усно ќе ги потсети колегите да ги преземат потребните чекори на нивниот терен.
„Во наредната недела ни стигнува првата тура на нови контејнери, а притоа обезбедивме и две претоварни станици и уште три камиони кои сами ги обезбедивме преку Град Скопје“, изјави Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС
Што се однесува до преполните контејнери што служат како главен извор за размножување на глодарите низ Скопје, локалната власт најави дека конечно тече завршната фаза за нивно заменување.
Сепак, за граѓаните кои секојдневно се соочуваат со глувци околу сопствените згради и домови, останува отворено прашањето дали административните дописи и парцијалните дератизации ќе бидат доволни да сопрат ризик од зарази, или ќе се чека целосното поставување на новите контејнери за сообраќајно и комунално нормализирање на градот.


