Сточарите велат дека состојбата со сипаниците е алармантна, АХВ вели дека е на терен

Објавено:

Состојбата со сипаниците кај малите преживари е алармантна. Досега се угинати 7.000 до 10.000 овци, уништени се 40 – 50 стада, финансиските загуби се големи, секој ден има појава на нови жаришта, а некои сточари ги носат грлата на добиточните пазари без да знаат дали се заболени, што е дополнителен ризик. Бараме од државата побрзо да ја организира вакцинацијата на овците и да го преиспита обесштетувањето кое во моментов е многу ниско, само 100 денари за килограм, апелираа денеска од Сојузот на одгледувачи на овци.

На прес-конференција пред Владата, претседателот на Сојузот, Насер Џемаили, изјави дека засега најзагрозен од сипаниците кај малите преживари е источниот регион на Македонија. Во штипско, рече, се зафатени 70 до 80 отсто од стадата.
Како што истакна Џемаили, се случува и по неколку недели угинати грла да лежат по дворовите на сопствениците, зашто нема кој да ги однесе, ниту, пак, се знае кој труп каде се закопува. Некои од одгледувачите сами се снаоѓаат, приватно ги вакцинираат овците, но не се знае за какви вакцини се работи и со каков квалитет.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска соопшти дека е континуирано на терен, дека ја следи состојбата со сипаниците кај овците и навреме ги презема потребните заштитни и контролни мерки. Во однос на можната вакцинација, информира дека е доставена информација за донација на вакцини до Европската Комисија и до Турција.

„Експертската група континуирано се состанува и донесува соодветни мерки. Дополнително, повторно е побарана помош од EUVET тимот на Европската Комисија за справување со болеста. По добивањето на одговор за вакцинација, ќе се пристапи кон тестирање на безбедноста и чистотата на вакцината, по што ќе се започне со вакцинација. Секоја вакцинација на сопствен трошок на сточарот без одобрена вакцинација од страна на Агенцијата, соодветно ќе биде санкционирана и нема да се врши компензација на заболените животни, односно обештетување за одземените животни“, наведува АХВ во одговорот до медиумите по прес-конференцијата на Сојузот на одгледувачите на овци кој утрово пред Владата алармираше за ситуацијата со сипаниците.

Агенцијата за храна и ветеринарство вели и дека преку ветеринарните друштва со кои има склучено договор за вршење активности од јавен карактер, добива информации за појава на болести во одредени одгледувалишта.