10 нови жаришта на сипаници кај овци и кози во Македонија, АХВ вели нема опасност за луѓето

Објавено:

Во Македонија од почетокот на јули се потврдени вкупно 10 нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози. Болеста е потврдена во одгледувалишта во населеното место Саса, општина Македонска Каменица, село Соколарци, општина Чешиново – Облешево, село Бигла, општина Делчево, села Малино и Косевица, општина Свети Николе и село Сопот, општина Куманово. Во моментов според АХВ има вкупно 17 потврдени жаришта со заболнени над 2700 животни. Болеста е потврдена во 15 одгледувалишта на овци и 2 одгледувалишта на овци и кози. Првото потврдено жариште беше во јануари годинава во село Лопате, општина Куманово, информираше Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

„По добивањето на согласност за локација за закопување на животните, АХВ ќе продолжи со депопулација на животните во новопотврдените жаришта во Македонска Каменица, Делчево и Свети Николе. До сега Агенцијата изврши депопулација (убивање на животните во одгледувалиштата) на над 1.400 животни, а во текот на вчерашниот ден спроведе депопулација на одгледувалиштето во село Сопот, општина Куманово со примена на механички метод за евтаназија на животните“, информираат од АХВ.

Вчера АХВ одржала работна средба со претставници на здруженија на одгледувачи на овци и сојузот на одгледувачи на овци на Македонија со цел запознавање на моменталната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овци и кози во Македонија, моменталните проблеми со кои се соочуваат одгледувачите на овци, како и презентирање на мерките кои се превземаат од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во однос на справувањето со болеста сипаници кај овци и кози.

Дополнително, претставниците биле запознати со биосигурносните мерки кои треба да бидат превземени од сточарите во однос на своите стада и одгледувалиштата во нивната непосредна близина, како и споделување на печатени материјали за сточарите со цел подигнување на свеста за болеста и начинот на брзо информирање во однос на истата од страна на сточарите до Агенцијата, ветеринарните друштва односно официјалните ветеринари со цел навремено реагирање во справувањето на болеста.

На состанокот се разговарало за контролните и заштитни мерки кои се превземаат од страна на Агенцијата за справување со болеста.

„Во одгледувалиштата каде е потврдeнa болеста сипаници кај овци и кози се спроведува попис на сите животни на одгледувалиштето, убивање на сите овци и кози на одгледувалиштето под официјален надзор, нештетно отстранување на мршите од овците и козите кои угинале или се убиени, простирката, цврстото и течното ѓубре за кои постои сомнение дека се контаминирани, како и храната за животни, млекото и производите од млеко, како и волната од животните под официјален надзор, сите материјали за еднократна употреба и предметите на одгледувалиштето кои неможат да се дезинфицираат, чистење и дезинфекција на просториите и просторот каде биле сместени овците, возилата користени за превоз на овците или нивните мрши и опремата во одгледувалиштата, спроведување на епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор и ширење на болеста, како и откривање на контактни одгледувалишта и примена на биосигурносните мерки при спроведување на попис, епидемиолошко испитување, земање на примероци и постапки за депопулација и нештетно отстранување“, велат од АХВ.