Поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски, денеска доброволно замина во затвор по одбивањето на неговата жалба за одложување поради здравствени причини. Судскиот процес траеше повеќе од шест години.
Апелација во јуни ја преиначи првостепената пресуда, при што делот за злоупотреба на службена положба го врати на повторно судење, но ја потврди едногодишната казна за бесправното градење на бараки во дворот на ОУ „Лазо Трповски“. Со пресметаниот куќен притвор, Јакимовски треба да одлежи шест и пол месеци.
Од ГРОМ тврдат дека станува збор за политички прогон и селективна правда, нагласувајќи дека бараките служеле за администрацијата и заштедиле милион и пол евра. Во соопштението тие наведуваат дека судот не ја зел предвид неговата здравствена состојба, односно дека „тој е онколошки неизлечен пациент и оперативниот зафат извршен пред 12 дена само ја покажувал нечовечноста, нехуманоста и флагрантно кршење на човековите права“.
„Длабоко сме разочарани од Кривичниот суд кој го осуди нашиот претседател затоа што поставил две времени градби (бараки), во кои општината функционираше 13 години. Не направи никому штета, туку општината за сите тие години заштеди милион и пол евра кирија доколку користеше простор под закуп и она што е најбитно тој е единствениот случај во Европа кој ќе одлежува ефективна казна затвор за ова исмислено кривично дело за поставување на времен објект со одлука на Совет на општина, со потврдена програма за работа од истиот, програма за јавни набавки и обезбедено пари од Буџет на општината“, е наведено во нивното соопштение.
Претходно, пак, Јакимовски директно го обвини премиерот Христијан Мицкоски за нарачана пресуда.Според Јакимовски, одлуката е политички мотивирана за да биде спречен да се кандидира на евентуални повторни избори за градоначалник на Општина Карпош.
Знам дека судиите работат под притисок и очекувам дека Врховниот суд ќе ја отфрли оваа политичка пресуда. Ова е доказ дека ние имаме диктаторски режим којшто се пресметува со своите. Сакам да му порачам на премиерот Мицкоски следново ‘кој си игра со меч, од меч ќе загине’“, рече пред еден месец Јакимовски.
ВМРО-ДПМНЕ долго време го критикуваше за урбанистички хаос и незаконско богатење, а случајот доби меѓународна димензија кога во март 2024 година Јакимовски беше ставен на црната листа на САД поради корупција. На локалните избори во ноември тој ја загуби трката за Карпош од Сотир Лукровски.


