Сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност нѐ очекува денеска (22 август) во земјава, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Попладне претежно во планинските региони ќе има услови за пороен дожд и појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 35 до 41 степен Целзиусов.
Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
Според најавите од УХМР, утре и во следните денови температурата ќе биде во постепено опаѓање.
Во попладневните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има услови за невреме со силен ветер и појава на град.
Од утре следува и поголема дестабилизација на атмосферата.
Минималните температури ќе се движат од 14 до 22 степени, додека максималните ќе достигнат од 33 до 40 степени. Попладне наместа ќе има зголемена облачност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирани услови за невреме со силен ветер и град.
Слична метеоролошка слика се најавува и за понеделник кога максималната температура ќе падне во интервал од 31 до 38 степени.


