ТикТок постигна спогодба вредна 400 милиони долари со Министерството за правда на САД, со што се става крај на тужбата од 2024 година, во која се тврдеше дека компанијата ги прекршила федералните закони за заштита на приватноста на децата – пишува американската новинска агенција Асошиејтед прес (АП).
Министерството за правда во петокот соопшти дека ТикТок веднаш ќе плати 300 милиони долари, а дополнителни 100 милиони долари откако со судска одлука ќе биде поништен претходно склучениот договор со сила на судска одлука против нејзината претходна компанија, Musical.ly.
„Оваа спогодба претставува голема победа за американските деца и родители“, изјави заменик-јавниот обвинител на САД, Стенли Е. Вудворд Џуниор, во соопштение.
„Приоритет на Министерството е да се осигури дека децата се заштитени на интернет и дека компаниите на кои им се доверени нивните лични податоци ги исполнуваат своите законски обврски. Со ова решение се обезбедува значителен надомест, истовремено зајакнувајќи ја заштитата што семејствата ја очекуваат и ја заслужуваат.“
Во тужбата беше наведено дека „компанијата го прекршила Законот за заштита на приватноста на децата на интернет, со тоа што собирала и задржувала податоци од своите млади корисници без да ги извести родителите или да добие нивна согласност“, објави американската телевизиска мрежа Си-Би-Ес Њуз.
Тужбата, која произлезе од истрага на Федералната трговска комисија, тврдеше дека ТикТок свесно им дозволувал на деца да создаваат профили и да комуницираат со возрасни на платформата уште од 2019 година.
Весникот Њујорк пост потсетува дека тужбата беше поднесена во август 2024 година, а во неа меѓу другото, се тврдеше дека „ТикТок задржувал широк спектар на лични податоци на деца без одобрение од нивните родители дури и на оние деца кои се регистрирале на Kid Mode на ТикТок“, верзија на апликацијата наменета за корисници помлади од 13 години.
Според, Министерството за правда на САД, ТикТок дури и не успеал да избрише некои профили на деца, иако тоа било побарано од нивните родители.
Граѓанската тужба се отфрла со правосилно дејство, што значи дека Министерството за правда на САД повеќе не може повторно да поднесе исто барање против компаниите врз основа на Законот за заштита на приватноста на децата на интернет (COPPA).
Спогодбата доаѓа откако ByteDance во јануари се согласи да воспостави заедничко вложување во кое мнозинскиот сопственички удел ќе го имаат.


