Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно го предупреди Иран дека „часовникот отчукува“ додека разговорите за ставање крај на војната во застој.
„Подобро да реагираат брзо или нема да остане ништо од нив. Времето е од суштинско значење“, напиша тој на својата платформа Truth Social.
Според „Тајмс оф Израел“, ваквата порака американскиот претседател ја испратил откако разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата.
Во меѓувреме, иранските медиуми објавија дека САД не успеале да направат никакви конкретни отстапки во својот одговор на најновите предлози на Техеран за ставање крај на конфликтот, пренесува Би-би-си.
Недостатокот на компромис од Вашингтон би довел до „ќорсокак во преговорите“, објави иранската новинска агенција „Мехр“.
Последната порака на Трамп е повторување на неговата закана од претходно дека ќе умре „цена нација“ доколку Иран не се согласи на договор за ставање крај на војната, која беше упатена пред објавувањето на прекинот на огнот на почетокот на април.
Претходната недела, откако беа отфрлени барањата на Техеран што американскиот претседател ги оцени како тотално неприфатливи, тој предупреди дека примирјето се одржува на апарати.
Според иранските медиуми, предлозите за ставање крај на војната од Техеран вклучуваат неколку точки – итен прекин на војната на сите фронтови, прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа и гаранции дека ќе нема понатамошни напади врз Иран. Исто така, иранската страна бара и надомест на воена штета и акцент на иранскиот суверенитет над Ормускиот Теснец.
Иранската новинска агенција „Фарс“, пак, вчера објави дека Вашингтон поставил пет услови во својот одговор до Техеран. Наводно, американската страна бара Иран да задржи само една нуклеарна постројка во функција и да ги пренесе своите резерви од високо збогатен ураниум во САД.
Во петокот, Трамп сугерираше дека ќе прифати 20-годишна суспензија на иранската нуклеарна програма што е главен камен на сопнување во разговорите меѓу двете земји. Претходно, тој бараше целосно прекинување на нуклеарната програма.
Израелските и американските сили започнаа масовни воздушни напади врз Иран на 28 февруари. Прекинот на огнот, наменет за олеснување на разговорите, во голема мера се почитува и покрај повремените размени на оган.
Иран, исто така, продолжи да го контролира Ормускиот Теснец, ефикасно затворајќи го овој воден пат низ кој патува околу 20% од светската нафта и течниот природен гас.
САД, од своја страна, ги блокираат иранските пристаништа со цел да извршат притисок врз Техеран да се согласи со американските услови.
Пакистан игра улога на посредник меѓу САД и Иран, но двете страни сè уште се чини дека се далеку од приближување на ставовите.


