Согласно со информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, до овој момент од надлежните грчки институции не е добиена официјална информација за бројот на евакуирани македонски државјани од подрачјата зафатени со пожарите во Грција, информираа од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), откако пожарот што денеска избувна на Халкидики предизвика евакуација на повеќе од 400 туристи и жители од погодените подрачја на Касандра.
Меѓу нив е и познатото летувалиште Сивири.
„Македонски државјани телефонски се обратиле до претставништвото за информации, при што им биле пренесени упатствата и насоките издадени од надлежните грчки власти“, соопштија од МНРиНТ.
За дополнителни информации и итна помош, на располагање се дежурниот телефонски број на Министерството +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и дежурните телефонски броеви на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001, соопштија од министерството.
Оттаму апелираат до македонските државјани кои се наоѓаат во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат упатствата и насоките на надлежните локални власти.
Вкупно 446 туристи, жители и други лица кои попладнево се наоѓале во приморското место Сивири на првиот крак на Халкидики се евакуирани по морски пат поради големиот пожар што избувна во областа, јави МИА.
Во евакуацијата биле вклучени чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба, приватни и рибарски чамци, како и траектот „Спидранер“, кој сообраќа на релација меѓу Солун и островите од групата Споради.
Во меѓувреме, на Халкидики пристигнуваат дополнителни противпожарни сили од различни делови на Грција.
Според крајбрежната служба, 250 лица од плажата во Сивири биле безбедно пренесени во марината во Сани. Уште 196 лица се наоѓаат во траектот „Спидранер“, кој плови кон Солун, но засега не е познато дали тие ќе бидат префрлени во градот.
Поради пожарот, сообраќајот во поширокото подрачје на Сивири е прекинат. Возилата од Сивири се пренасочуваат кон Касандрија, додека сообраќајот од Фурка се пренасочува кон Касандрија, Полихроно и Скиони.
Пожарот избувнал околу 14 часот по локално време и брзо се проширил. Преку системот за итни случаи 112 биле испратени четири предупредувања до населението во поширокиот регион, од кои три биле поврзани со евакуација на Сивири и Фурка.
Грција и пред неколку дена објави црвено предупредување за пожари за регионот Атика, вклучувајќи ја Китера и регионалните единици Коринт, Арголис, Аркадија и Лаконија.
Европа е континентот што најбрзо се затоплува во светот, според нивниот извештај за состојбата на климата во Европа во 2025 година, со температури што се зголемуваат за околу двојно повеќе од глобалниот просек.



