За в недела попладне (9 август) е зголемен ризикот од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор и шумски пожари поради многу висок Fire Weather Index (FWI), што означува метеоролошки индекс за опасност од појава на пожари, информира Центарот за управување со кризи(ЦУК).
Причина е порастот на дневните температури, поради што се зголемува и овој индекс.
Според Мухамет Али, директор на ЦУК, покрај источниот дел од земјата, со многу висок FWI се и централниот и јужниот дел на Македонија. Останатите делови од земјата се со висок FWI, додека исклучок се повисоките планински предели, каде што индексот е низок и многу низок.
„Во услови на високи температури и зголемена опасност од пожари, апелирам до граѓаните на особена внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа. Секое невнимателно постапување може да предизвика пожар кој, во вакви временски услови, може многу брзо да се прошири и да зафати поголема површина“, соопшти ЦУК.
Во изминатото деноноќие на територијата на државата се регистрирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои два се активни. Тоа се пожарите во Горно Лисиче, Општина Аеродром, каде гори ниска вегетација, дрва и пченка, како и пожарот на излезот од Крива Паланка, каде е зафатена депонија.
Дванаесет часа трае битката на пожарникарите да го стават под контрола пожарот кај Крива Паланка.
„Обемот на пожарот е сериозен и повеќе од 12 часа континуирано се преземаат активности за негово локализирање и ставање под контрола. Во моментов сите расположливи капацитети се насочени кон справување со пожарот и спречување на негово понатамошно ширење“, соопштија од Општина Крива Паланка.
Тревога и за туристите во Грција
Црвено предупредување за пожар денеска објави и Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Предупредувањето се однесува на Атика, вклучувајќи ја Китера, како и регионалните единици Коринт, Арголис, Аркадија и Лаконија.
Истото предупредување е прогласено и за регионот Крит и регионалните единици Беотија, Фтиотида и Евија.
Во северниот Егеј, црвеното предупредување важи за регионалните единици Лезбос, Хиос, Самос и Икарија, како и за Кикладите во јужниот Егеј, јави новинската агенција Танјуг.
Активирањето на црвеното предупредување за пожар значи дека националниот механизам за цивилна заштита е ставен во целосна мобилизација, со распоредување на потребниот персонал, опрема и средства за справување со потенцијални пожари.
Можна енергетска криза
Екстремните летни временски услови во Европа почнаа да ги пресушуваат и реките, при што делови од Дунав паднаа на рекордно ниски нивоа на водата.
Во Унгарија состојбата на Дунав предизвикаа енергетска криза, принудувајќи ја земјата да ја затвори својата единствена нуклеарна централа, која се потпира на водата од реката.
Минатата недела и Србија мораше да го намали производството на електрична енергија од хидроелектраните, при што нејзините две најголеми централи беа намалени на само 20 и 30 проценти од нивните капацитети.
Ниското ниво на водата на Дунав ја принуди унгарската нуклеарна централа Пакш да го намали производството за 90%, романската Чернавода да го намали производството за 50% и словенечката Кршко да го намали капацитетот за 20%. Со оглед на тоа што не се очекува нивото на водата на реката да се зголеми во скоро време, а високите температури продолжуваат, понатамошните намалувања на производството остануваат отворена можност.
Нуклеарната централа Кршко произведува 35-38% од електричната енергија во Словенија и покрива приближно 35% од нејзината вкупна потрошувачка. Пред неколку дена, високите температури на водата во реката Сава ја принудија електраната да го намали производството, што влијаеше и на Хрватска.
Во меѓувреме, шумски пожари продолжуваат да беснеат во Европа.
Италија прогласи највисока тревога од пожари, откако во северниот италијански регион Емилија-Ромања избувна пожар во оддалечена област на Ведријано. Пожарникарите се борат со огнот од четвртокот попладне.
Во соседна Франција, голем шумски пожар во јужниот регион Вар повеќе не се шири, но пожарникарите остануваат на терен поради ризик од разгорување.
„Тоа е пожар што може да трае подолг временски период. Ризиците (од пожар) се зголемуваат со ветрови и со зголемена температура попладне“, рече главниот наредник Ентони од Марсејскиот поморски противпожарен баталјон.
Пожарот, кој започна на 20 јули, изгоре повеќе од 60 квадратни километри, што е најголемиот пожар регистриран во регионот во последните децении.
Европа е континентот што најбрзо се затоплува во светот, според нивниот извештај за состојбата на климата во Европа во 2025 година, со температури што се зголемуваат за околу двојно повеќе од глобалниот просек.
Македонија лани имаше 50 милиони евра штети од пожарите
Македонија во 2025 година претрпела штета од околу 50,1 милион евра од шумските пожари, покажуваат податоците од Извештајот за работењето на ЈП „Национални шуми“ за ланската година. Според документот, во текот на годината биле евидентирани 178 шумски пожари, при што биле опожарени 17.631,71 хектари шума и шумско земјиште и изгореле 282.931 кубни метри дрвна маса.
Во 2024 година изгоре површина од 61.061 хектари во шумски пожари, при што е причинета штета од 5.111.962.381 денари (над 82 милиони евра), покажуваат податоците од „Национални шуми“. Истата година беа регистрирани 250 шумски пожари.
Само пожарите во 2022 година пеплосаа десетици илјади хектари на шума, од кои повеќе од 4.000 хектари во Берово, Пехчево и Делчево. Вкупната материјална штета од сите шумски пожари истата година беше проценета на 38 милиони евра.
Владата прогласи кризна состојба на целата територија на државата поради зголемениот ризик од пожари на отворен простор и шумски пожари. Кризната состојба ќе трае 30 дена, почнувајќи од 1 август 2026 година.



