Поранешен судија на чекор да стане претседател на Унгарија

Објавено:

Поранешниот претседател на Врховниот суд на Унгарија, како и екссудија во Европскиот суд за човекови права, Андраш Бака, е на чекор да стане нов претседател на државата.

Тој е предлог на владејачката Тиса на премиерот Петер Маѓар. Се очекува да биде избран на седница на парламентот во вторник, што ќе претставува уште еден чекор на Маѓар кон исполнување на изборното ветување – да се соборат упориштата на власта на поранешниот премиер Виктор Орбан.

За потсетување, Тиса однесе убедлива победа на изборите во април и соборувајќи го Орбан од власт после 16 години.

Маѓар на социјалните мрежи објави дека лично го информирал Бака за номинацијата и го замолил да ја прифати функцијата.

Бака, кој се очекува да стане нов претседател на Унгарија, беше сменет од претседателската функција во Врховниот суд од страна на власта на Орбан во 2011 година.

Европскиот суд за човекови права во 2014 пресуди дека Унгарија го отстранила Бака поради критикување на владата и дека неговото разрешување им штети на демократските слободи во Унгарија. Орбан, пак, ги негираше наводите во пресудата.

Бака ќе дојде на местото на Тамаш Шујок, кого Маѓар го нарекуваше „кукла на Орбан“.

Минатиот месец, тој мораше да потпиша уставен амандман усвоен во парламентот од владејачката партија Тиса со кој се заврши неговиот претседателски мандат.

Амандманот предвидува дека новиот претседател ќе остане на функцијата додека не стапи во сила новиот Устав, или максимум пет години.

Функцијата претседател на Унгарија е претежно церемонијална и привремено ја извршува претседателката на Парламентот, Агнеш Форстхофер.

Претседателот се избира со двотретинско мнозинство во парламентот, преку тајно гласање. Доколку првото гласање не успее, се одржува второ со двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови, а тогаш не е потребно двотретинско мнозинство.

Во случај второто гласање исто така да биде неуспешно, се поднесуваат нови номинации и се одржуваат нови избори.