Пресврт во очекувањата од новата Влада во Унгарија: Гласачите бараат посилна климатска политика

Објавено:

Повеќе од три четвртини од Унгарците кои гласаа за Пeтер Маѓар на изборите минатиот месец сакаат неговата влада да направи повеќе за справување со климатската криза, а повеќе од 70% сакаат тој да ги заштити ЛГБТК+ правата, покажува новата анкета на организацијата Европски совет за надворешни односи.

Откако резултатите од последните избори ставија крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан, новиот премиер ќе положи заклетва во сабота, неколку недели по резултатите кои предизвикаа прослави во Будимпешта и Брисел.

Маѓар, поранешен член на популистичката десничарска партија „Фидес“ на Орбан, има конзервативно политичко потекло и за време на кампањата избегнуваше јасни ставови за прогресивни теми, веројатно од страв дека би му дал материјал на околу 80% од унгарските медиуми кои се контролирани од лојалисти на Фидес – пишува весникот Гардијан кој ги пренесе резултатите од анкетата.

Меѓутоа, анкетата спроведена во деновите по изборите и објавена во четврток сугерира дека гласачката база на Тиса е наклонета кон прогресивни ставови, што укажува на спротивставените притисоци со кои се соочува новата влада.

Околу 77% од анкетираните гласачи на Тиса изјавиле дека поддржуваат амбициозна климатска политика, додека 71% изразиле поддршка или делумна поддршка за тоа новата влада да ги заштити правата на ЛГБТК+ луѓето, област во која под водство на Орбан се случија значајни уназадувања.

Павел Зерка од Европскиот совет за надворешни односи изјави дека „постои многу јасен мандат за новата влада да има по-прогресивен став“.

„Но тоа зависи од тоа дали Мaѓар ќе ги гледа сопствените гласачи или целокупното електоратско тело, бидејќи унгарската јавност е многу поделена по ова прашање.“

Дејствијата што Мaѓар и неговата влада планираат да ги преземат во однос на климата и правата на ЛГБТК+ луѓето остануваат нејасни, и покрај повеќе од две години кампања и изборен манифест од 240 страници.

Анкетата исто така понуди увид во други начини на кои владата најверојатно ќе биде влечена во различни насоки: иако гласачите во огромно мнозинство изјавиле дека бараат промени, тие остануваат поделени по прашања кои се клучни за ЕУ, како поддршката за Украина и потребата Унгарија да ја намали својата зависност од руската енергија.

Додека 64% од анкетираните изјавиле дека очекуваат новата влада да ги подобри односите со Киев, поддршката за воените напори на Украина останува ниска, при што 24% ја поддржуваат идејата Будимпешта да обезбедува финансиска помош за Украина, а 12% ја поддржуваат испораката на воена помош. Повеќе од половина од испитаниците, 52%, биле против прекинување на увозот на руска енергија во земјата.