Основното јавно обвинителство(ОЈО)- Скопје соопшти дека во скратена постапка гони 46. годишен возач од Арачиново кој учествувал во сообраќајката кај Радишани од пред два дена во која загина мотоциклист.
Тој е осомничен за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.
Како што информира ОЈО, осомничениот, на 7 август околу пладне, управувал автомобил „сеат алтеа“ по улицата „Радишанска“. На крстосницата со улица „18“, на која сообраќајот не е регулиран со знаци, свртел во лево без да ги пропушти возилата кои доаѓале од спротивна насока. На тој начин го пресекол патот на мотоцикл „кавасаки“ кој од спротивната страна на крстосницата го задржувал правецот на движење. За да избегне директен судар со автомобилот, мотоциклистот отишол во лево, преминувајќи на коловозната лента наменета за движење возила во спротивна насока. Но, таму со предниот дел од моторот удрил директно во автомобил „алфа ромео“ кој доаѓал од спротивната страна. Од силата на ударот мотоциклистот Никола Макрачевски излетал, паднал на коловозот и се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а полесно бил повреден и возачот на автомобилот „алфа ромео“, соопшти ОЈО.
Осомничениот, наместо да укаже помош на повредените, по несреќата го напуштил местото.
Јавниот обвинител предложи на осомниченииот да му бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува во Судот, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.
Во Македонија во 2025 година во сообраќајки загинаа 132 лица. 142, пак, е бројот на жртви за 2024-та.
Од нив, според податоците на Државниот завод за статистика, возачи или патници на мотоцикли или мопеди биле 26 во 2025 односно 14 во 2024 година.



