Во Приштина, денеска (8 август) продолжи конститутивната седница на косовскиот парламент, но набргу беше прекината откако лидерот на Самоопределување и в.д. премиер, Аљбин Курти беше нападнат со јајца.
Имено, по изборите во Косово претходно ова лето, требаше да се одржи конститутивна седница на тамошното Собрание. Меѓутоа, уставниот рок од 30 дена во коишто треба да се изберат претседател и потпретседател на парламентот истече на полноќ.
Откако денеска, Курти од говорницата побара дополнително време за консултации, пратеничката од Алијанса, Тиме Кадријај, почна да мава со јајца кон него.
Ова доведе до прекин на седницата и влегување на телохранителите на Курти во салата.
Претседавачот со седницата, Авни Дехари, го прекина заседанието и најави дека пратениците ќе бидат информирани подоцна кога ќе продолжи седницата.



