Владата сака Македонија сама да ги гради Чебрен и Галиште со 1,5 милијарди евра

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, 9 јуни 2026, информираше дека Владата е пред одлука државата самостојно да го реализира хидроенергетскиот проект Чебрен и Галиште, за којшто инвестицијата би изнесувала до 1,5 милијарда евра заедно со каматите. 

„Сериозно размислуваме и сме пред носење стратешка одлука државата самостојно да го реализира, без приватен партнер. Конечната одлука ќе зависи и од состаноците што се одржуваат во рамките на ЕСМ“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, на брифинг со медиумите. 

Пресметките, појасни, покажуваат дека внатрешната стапка на поврат на инвестицијата е над 10 проценти, што го прави проектот значаен од економски аспект.   

„Но, не е само од економски аспект, цениме дека имајќи го предвид глобалното затоплување, во регионот ќе недостасуваат два резервоари за пивка вода што можат да се направат. Исклучително стратешки важно ни е Тиквешко поле да се наводнува од овој проект. Тоа се отприлика 60-ина илјади хектари земја“, рече Мицкоски. 

Овој предел, дополни, може да послужи и за развој на дата центри. 

„Многу блиску сме до носење на одлуката како држава сами да го развиваме, а тоа значи изработка на физибилити студија која ја имаме и по принципот на Јелоу фидик да избереме фирма која ќе го гради“, информираше премиерот.

Вкупно 14 тендери пропаднаа во изминативе две децении

Оваа изјава следува по 14 пропаднати тендери во кои државата во изминативе неколку децении бараше партнер за изградба на овој стратегиски објект. Последниот тендер пропадна во 2024 година, откако грчката државна компанија ППЦ „Архидрон“ која се пријави на тендерот се откажа и не приложи банкарската гаранција во предвидениот рок од 31 декември 2023 година. Причините за откажувањето на грчката компанија од јавно-приватното партнерство не се открија во јавноста.

Тогашната власт составена од СДСМ и ДУИ тврдеа дека причините за откажувањето биле во дополнителните услуги кои ги барала грчката компанија како банкарски конструкции, но на Илинденска бр.2 одлучиле да останат со истите услови како во тендерот. Тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека вината е во владата која неколку пати менувале одлуки и се создала сложена ситуација која ќе прави проблеми и во иднина.

Конфузните, според опозицијата започнале кога владата на Зоран Заев во 2019 година одлучила на компанијата што ќе го добие проектот за Чебрен, три месеци откако ќе почне да гради да и ја отстапи и хидроцентралата Тиквеш.

Седум години и 150 милиони евра годишно се потребни за изградба на Чебрен

Според пресметките на економистите и енергетичарите, доколку државата одлучи сама да ја изгради хидроцентралата Чебрен потребни и се седум години и 150 милиони евра од државниот буџет. Ова е возможно, особено ако се земе предвид фактот дека секоја година остануваат неискористени пари за капитални инвестиции.

Според последните владини прогнози објавени во 2024 година за изградба на реверзибилна хидроцентрала „Чебрен“ со инсталиран капацитет од 333 мегавати потребни се инвестиција од милијарда евра и седум години за изградба откако ќе заврши процесот со проектирање и обезбедување на потребната документација. Тоа значи дека ако се изгради Чебрен таа ќе биде во можност покрај конвенционалната улога на хидроелектрана да овозможи и складирање и управување со електричната енергија.

Поранешниот претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, професор Константин Димитров со години редовно јавно зборува дека државата мора да си инвестира во сопствено производство на струја.

„Ако странци овде отвораат енергетски капацитети, ние не добиваме ништо со тоа, зашто струјата повторно треба да ја купиме од нив по пазарна цена“, неодамна изјави за РСЕ Димитров.

Проект е планиран пред 60 години

За енергетски проект на Црна Река прв пат се прават планови уште во 1963 година, и оттогаш Електростопанство на Македонија, според неколкуте идејни проекти, е главниот инвеститор во изградба на хидроцентрала, но само на хартија.

Во 1964 година е изградена хидроцентралата Тиквеш додека другите две, Чебрен и Галишете останаа само како проекти на хартија. Конечениот и ревидиран проект со инвестициска рамка е направен во 1990 година, кој остана нереализиран во наредните децении.

Првиот тендер за јавно-приватно партнерство за изградба на хидроцентралата Чебрен се појавува во 2006 година и до сега пропаднаа вкупно 14 тендери.

Дел од инженерите инсистираат државата да го изгради Чебрен

Државата мора брзо да преземе мерки, затоа што според амбициозно претставениот план пред ЕУ, до 2030 година треба да се спроведе енергетска транзиција од јаглен кон обновливи извори. Тоа значи дека до 2030 година производството на електрична енергија од јаглен треба да биде сведено на нула. Според потпишаниот Париски договор, годинава треба да престане со работа ТЕЦ „Битола 1“, со што ќе се почуствува падот на домашното производство на електричната енергија.

Како главен адут на изминативе пет владини состави против самостојна изградба на хидроцентралата „Чебрен“ е студијата на германската консултантска куќа Фихтнер (Fichtner) од 2016 година, според која електраната е на самата граница на исплатливост или дури е неисплатлива. Експертите велат дека причината за неисплатливоста е најдена во малиот годишен проток на Црна Река, но потценета е профитабилноста од складирањето на енергијата која веројатно не е е земена в предвид а складирањето, пак, не зависи од протокот на реката.

Дополнителната вредност на Хидроцентралата Чебрен лежи и во врамнотежување на идниот електроенергетски систем базиран на фотоволтаици и ветерни електрани од регионот.

Северна Македонија има за цел да го зголеми учеството на обновливи извори на енергија во бруто финалната потрошувачка на 38% до 2030 година, се вели во соопштението на Министерството за економија.

Со цел да се постигне овој процент, според зеленото сценарио од Националниот план за енергија и клима (НПЕК), потребно е да се постигне значителен пораст во инсталираниот капацитет од обновливи извори до крајот на 2030.

Македонските потрошувачи се зависни од увоз на струја. Ова дојде до израз минатата зима, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите.

Доколку се изгради хидроелектраната Чебрен, таа треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно. Северна Македонија сега користи само една четвртина од својот хидропотенцијал за производство на струја. Со инвестиции во оваа централа, државата, која е зависна од увоз на струја, може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении.