Власта не даде поддршка министрите да имаат само македонско државјанство

Објавено:

Само 20 опозициски пратеници гласаа „за“ предлог-законските измени со кои се предвидува членовите на Владата да имаат само македонско државјанство.

Предлогот беше поднесен од пратеници од СДСМ, но не доби поддршка од власта.

„Со предложените измени се утврдуваат услови за именување на членови на Владата, со цел зајакнување на критериумите за нивна стручност, интегритет и само државјанство на Република Северна Македонија. Исто така, се пропишуваат преодни и завршни одредби со кои се обезбедува примена на новите услови и за веќе избраните членови на Владата, како и последици во случај на нивно непостапување во утврдениот рок“, наведоа пратениците од СДСМ во својот предлог.

Конкретно за актуелните министри, предлогот предвидуваше оние што имаат државјанство и од друга држава во рок 30 дена да си поднесат оставка, а ако не го направат тоа, Собранието да ги разреши првиот нареден работен ден.

Опозицијата го поднесе овој предлог откако претходно владејачкото мнозинство направи сличен чекор, но само за пратениците.

СДСМ бараше ова да важи и за министрите и затоа предложи измени, кои денеска не добија „амин“ од власта.