Дали превозниците од Западен Балкан, повторно ќе излезат на протест против новите правила за Шенген зоната, зависи од тоа каков ќе биде исходот од состанокот на 1 септември во Брисел каде се очекува да се одржи состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија.
Ова денеска во Скопје го договорија здруженијата на превозници од Западен Балкан, порачувајќи дека не сакаат да протестираат, но ако бидат присилени, ќе го направат и тоа.
Со новите правила што беа воведени за Шенген зоната нивниот престој во рамки на овие земји се ограничи на 90 дена во период од 180 дена.
Според нивните изјави, тие се согласни да не се менува договорот за престој во Шенген зоната, но бараат да се почитува стриктно правилото 90 дена престој во последните 180 дена односно минутата да биде минута, часот, да биде час … Бараат и прецизен рок кога нивниот проблем ќе биде решен.
„Значи, ги бараме своите 90 полни денови. Ако останат на тоа денот на влез да се пресметува како прв ден, а денот на излез како втор ден, тогаш сме во сериозен проблем и тогаш проблемот нема да биде решен бидејќи ние не сме обични граѓани кои одат туристички во државите од Шенген зоната, туку сме професионалци кои секојдневно, зависно од должината ан турата, работиме, изјави од Скопје, Неџо Мандиќ, претставник на превозниците од Србија, пренесува државната агенција МИА.
Најголем дел од превозниците се возачи на камиони. Проблемот засега околу 17.000 професионални возачи од Македонија, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката изнесува околу 100.000.
Согласни се дека е неопходно ќе излезат на протест.
„Ние ќе бидеме трпеливи, ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме да му наштетиме на никого, ниту на Европска Унија, ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите превозниците, но ако сме принудени ќе организираме протести со коишто уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека сепак постои проблем којшто треба да се реши“, изјави Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници – Макам-транс, пренесува државната агенција МИА.
Според она што го кажаа претставниците на здруженијата, револт кај возачите има односно 50 проценти од нив одбиваат да возат затоа што немаат сигурност што ќе се случи на граница и дека сè зависи од волјата на вработените на граничните премини кои различно ја толкуваат одлуката 90/180.
Против моменталното правило, превозниците од Србија и Босна и Херцеговина во јануари на предупредувајќи протест четири дена ги блокираа товарните терминали на граничните премини.



