Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи е резултат на широк консултативен процес со сите засегнати страни и не е подготвен ниту набрзина, ниту со наметнување решенија, изјави премиерот Христијан Мицкоски и нагласи дека основната цел на законското решение е намалување на бројот на лица кои користат тутунски производи и подобрување на јавното здравје, пренесе МИА.
Говорејќи на состанок со еснафските здруженија и други засегнати страни, на кој присуствуваше и министерот за здравство Азир Алиу, Мицкоски истакна дека во изработката на законот биле вклучени здруженија, производители, дистрибутери, угостители и сопственици на ресторани и ноќни клубови.
Според него, конечниот текст претставува компромисно решение кое ги зема предвид различните интереси, иако не може целосно да ги задоволи сите страни.
„Не постои идеален закон од кој сите ќе бидат целосно задоволни. Важно е што низ дијалог успеавме да дојдеме до заедничко решение кое во голема мера ги регулира односите во оваа област“, рече премиерот.
Тој најави дека Владата ќе инсистира на доследна примена на законот на целата територија на државата и предупреди дека нема да има привилегирани поединци, региони или угостителски објекти.
„Инспекциските служби ќе бидат ригорозни. Нема да има повластени и нема да има селективна примена на законот. Секој што нема да ги почитува прописите ќе биде санкциониран“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека законското решение ќе биде ставено на владина седница во вторник и апелираше неговото усвојување да се реализира што е можно побрзо.
Тој оцени дека правилната и доследна примена на законот ќе придонесе за подобра заштита на здравјето на граѓаните и намалување на употребата на тутунски производи.


