Заменикот наместо градоначалникот на Карпош промовираше улица со Ѓорѓиевски

Објавено:

Градоначалникот на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, не се појави на заеднички настан со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој беше во посета на улицата „Загребска“ за да го означи почетокот на реконструкцијата и изградбата на потпорен ѕид.

Наместо него, на настанот со Ѓорѓиевски присуствуваше заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски кому Лукровски му ги препушти ингеренциите.

Пред речиси еден месец, во јавноста излегоа информации дека Лукровски сака да се повлече од функцијата, а дел од шпекулациите беа и дека тој дури имал обиди да поднесе оставка.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, негираше дека градоначалникот поднел оставка.

„Градоначалникот на општина Карпош, Сотир Лукровски, нема дадено оставка. Тој е на боледување. Во моментот во Општината има законски избран заменик-градоначалник, кој го заменува градоначалникот додека е на боледување поради одредени здравствени проблеми. Иако имаше и такви политички глодачи, кои излегуваа и се ситеа на здравствена состојба на човек, јас нема да ги коментирам тие политички глодачи. Му посакувам брзо закрепнување на градоначалникот и што побргу да се врати на својата работна позиција“, изјави Мицкоски на 13 мај.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, минатата недела исто така демантираше дека Лукровски поднел оставка и посочи дека нема ништо спорно што тој именувал свој заменик и му ги препуштил ингеренциите.

Заменикот Неделковски е советник во Општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата, пак, се сомнева дека здравствената состојба е вистинската причина за отсуството на Лукровски.

СДСМ обвинуваше дека тој се повлекол „затоа што не сака да потпишува документи поврзани со бизнис интересите на Мицкоски и неговата група“.

Со слични сомнежи јавно излезе и поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, од ГРОМ кој рече дека Лукровски се шетал низ трговскиот центар „Сити мол“ додека му трае боледувањето.

Лукровски, пак, досега јавно не се огласи.