Запален автобус на автопатот Скопје-Велес, нема жртви

Објавено:

Патнички автобус се запали на автопатот Скопје- Велес, при што нема повредени патници. Министерството за внатрешни работи соопшти дека автобусот би регистриран во Прилеп и дека инцидентот настанал на наплатната станица Отовица.

„Сите патници навремено го напуштиле автобусот и нема повредени лица“, велат од МВР.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи за медиумите, веднаш по пријавата на терен биле испратени екипи на Територијалната противпожарна единица, како и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес. Поради интервенцијата и безбедносните мерки, сообраќајот на овој патен правец е привремено во прекин.

Според видеото од запалениот автобус кое се шири на социјалните мрежи станува збор за автобус на прилепска компанија кога организира меѓуградски превод од Прилеп низ Велес до Скопје, но и меѓународен транспорт со туристички понуди за еднодневни екскурзии до Белград. Во видеото се гледа дека е запален задниот дел на автобусот каде што е сместен моторот. Повеќе детали за причините за сообраќајната несреќа се очекуваат во текот на утрешниот ден.

Видеото се споделува на неколку социјални платформи и според коментарите, се забележува дека ја вознемири јавноста. Имено, во 2019 година, во скопското село Ласкарци, се преврте автобус на компанијата „Дурмо турс“ при што загинаа 16 луѓе а неколкумна беа повредени. Во 2021 година се запали автобус во Бугарија со македонски регистарски таблички при што загинаа над 40 луѓе. Автобусот беше во сопственост на „Беса Транс“.

Двете сообраќајни незгоди во кои загинаа над 60 луѓе ги извадија на површина системските пропусти во јавниот превоз како неисправни возила, нелиценцирани превозници и спрега меѓу фирмите превозници и фирмите за технички проверки на возила. Со последната сообраќајна незгода на бугарскиот магистрален пат „Струма“ се наметнува прашањето треба ли да има и морална одговорност за настаната незгода, но и за системските пропусти во транспортот на патници. Експертите тогаш јавно коментираа дека често во пракса се случува возилата во јавниот превоз да се недоволно технички исправни или без соодветна документација.

Сопственикот на Беса Транс беше осуден на осуден на затворска казна на околу една и пол година, а компанијата доби парична казна. Обвинението се однесуваше на фалсификување лиценци за меѓународен превоз, односно автобусот што учествувал во несреќата немал валидна дозвола. Судската пресуда за овој случај донесена во македонскиот Кривичен суд се однесува само на пропустите во однос на техничката документација.Судскиот исход за причините за сообраќајната несреќа се уште се очекува од бугарските судски служби.