Заврши епидемијата во Гостивар

Објавено:

Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) – Тетово, кој е надлежен и за гостиварското подрачје, ја прекина епидемијата во Гостивар што беше прогласена поради загадувањето на водата за пиење.

„Според нивните епидемиолошки податоци нема случаи со стомачни проблеми поврзани со водата за пиење“, информираше министерот за здравство, Сашо Клековски.

На 19 јули во Гостивар беше прогласена епидемија откако беше утврдено дека во водата од градскиот водовод влегувала отпадна вода и фекалии. Над 5.000 граѓани побараа лекарска помош поради стомачни тегови.

„Хепатит досега не е забележан во Гостивар. Ние сме во секојдневна комуникација со сите здравствени власти за следење на состојбата бидејќи таа не е еднаш и засекогаш статична и треба да се мониторира редовно“, додаде министерот за здравство.

Исто така, во овој град беше прогласена и кризна состојба, за која од Кризниот штаб вчера информираа дека завршила.

Водата од градскиот водовод беше прогласена за безбедна за пиење на 14 август.

Надлежните отворија и истрага во која како осомничени се раководството на гостиварското претпријатие задолжено за градскиот водовод. Предметот е сè уште во истрага и се чека поднесување обвинение.