Откажан е концерот на британската соул пејачка Џос Стоун што вечерва требаше да се одржи во Скопје, објави „Авалон продукција“. Причина е силното невреме што попладнево го погоди Скопје.
„Како што може да претпоставите, невремето предизвика оштетување на комплетната продукциска опрема како и на просторот предвиден за одржување на вечерашниот концерт на Џос Стоун. По извршената процена на состојбата, беше констатирано дека не постојат никакви услови салата и продукциската опрема да се доведат во состојба што би овозможила дури и минимални услови за безбедна реализација на концертот. Дополнително, добивме информации дека постои можност помеѓу 21 часот и 22.30 часот повторно да има невреме и поради тоа, од безбедносни причини, не постојат никакви услови концертот да се одржи“, соопштија од „Авалон“.
За граѓаните кои купиле билети, од „Авалон“ соопштија дека информациите околу повратот на парите за билети ќе ги кажат утре.
Паднати дрвја, оштетени автомобили, однесени кровови е сликата попладнето од Скопје откако силно невреме го зафати главниот град.
Дел од граѓаните сведочат дека ветрот бил толку силен што им ги отворил вратите од тераси. Пријави за штети веќе има и во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Поради невремето проследено со силен ветер, кое попладнево го зафати Скопје до овој момент преку Единствениот број за итни повици 112 се евидентирани повеќе од 1.000 повици од граѓани“, велат од ЦУК.
Штети веќе се пријавуваат и кај локалните власти низ скопските општини.


