Доаѓа ли политичкиот крај на Ердоган: Новата партија во водство на анкетите

Објавено:

Турската опозициска „Нова партија“, основана пред помалку од еден месец, има предност од 7,9 процентни поени пред владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, покажуваат резултатите од новото истражување на турската агенција „Метропол“, што го пренесува „Туркиш минит“.

Според резултатите, доколку сега се одржат парламентарни избори, за „Нова партија“ би гласале 30,3 проценти од гласачите и би станала прва политичка сила во Турција, додека АКП би била на второто место со 22,4 проценти.

На третото место се наоѓа прокурдската Демократска партија на народите (ДЕМ) со поддршка од 5,4 проценти, по која следуваат националистичката „Добра партија“ со 3,9 проценти, Партијата на националистичкото движење (МХП) со 3,6 проценти и опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) со 2,9 проценти.

Анкетата на „Метропол“ била спроведена на крајот на јули на примерот од повеќе од 1.200 испитаници.

Анкетата доаѓа на околу две години пред следните избори во Турција, но уште сега се поставува прашањето што ќе прави турскиот претседател.

Имено, следните избори се закажани за 2028, но Ердоган ја достигна дозволената граница од два мандата како претседател, откако претходно беше премиер. Ако сака повторно да се кандидира за претседател, мора да распише предвремени избори и да потврди дека не го завршил вториот мандат или мора да го промени Уставот.

Ердоган беше градоначалник на Истанбул од 1994 до 1998 година. Од 2003 беше премиер се до 2014 кога ја презеде претседателската функција.

Која е новата опозиција?

„Нова партија“, која ја предизвикува власта на Ердоган, ја основа поранешниот лидер на ЦХП, Озгур Озел, пред околу еден месец, откако тој и уште 90 пратеници ја напуштија матичната партија.

До оваа одлука дојде по долготрајната криза во редовите на ЦХП, која започна кон крајот на 2024 година и беше предизвикана главно од судските постапки за корупција против повеќе нејзини членови, меѓу кои градоначалници и високи партиски функционери.

До значителен раскол во ЦХП дојде кон крајот на мај, кога Апелацискиот суд во Анкара со одлука го поништи 38-от редовен конгрес на партијата од 2023 и го разреши раководството тогаш предводено од Озгур Озел. Со судска одлука, на чело на партијата беа вратени поранешниот лидер Кемал Киличдароглу и неговиот тим. Тоа практично ја подели партијата на две фракции и ги постави темелите за создавање на новото политичко движење.