Договорот за трговија и инвестиции меѓу Обединетите Арапски Емирати и Русија стапува во сила

Објавено:

Договорот за трговија со услуги и инвестиции (TISIA) меѓу Обединетите Арапски Емирати и Руската Федерација стапи во сила. Ова претставува значаен чекор во зајакнувањето на билатералните економски и инвестициски односи – објави Емиратската новинска агенција (ВАМ).

Договорот има за цел, да го прошири пристапот до пазарите за извозот на услуги, да ја зајакне заштитата на инвеститорите и да создаде нови можности за соработка меѓу приватните сектори во низа сектори со висок потенцијал за раст.

Со него се воспоставува посебна рамка за трговија со услуги и инвестиции меѓу двете земји. Тој го надополнува Договорот за економско партнерство меѓу Обединетите Арапски Емирати и Евроазиската економска унија (ЕАЕУ), кој на регионално ниво се фокусира на трговијата со стоки.

Заедно, овие договори обезбедуваат поширока рамка што ја опфаќа трговијата со стоки, услуги и инвестиции меѓу Обединетите Арапски Емирати и Русија, а тоа се очекува да создаде значајни можности за компаниите и инвеститорите на двата пазари.

Договорот беше потпишан на 8 август минатата година во Москва, за време на посетата на шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, на Русија – пишува „Емиратскиот весник „Национал“.

Евроазиската економска унија ја сочинуваат пет земји-членки: Русија, Казахстан, Белорусија, Ерменија и Киргистан, со вкупен БДП од речиси 5 трилиони долари.

ОАЕ во 2025 година потпишаа Договор за економско партнерство со ЕАЕУ, кој на регионално ниво ја опфаќа трговијата со стоки.

Русија е значаен економски партнер на Обединетите Арапски Емирати, при што билатералната трговија без нафта минатата година достигна 20,4 милијарди долари, што претставува зголемување од 77,7 отсто во споредба со 2024 година, соопшти Министерството за надворешна трговија на Обединетите Арапски Емирати.