„Дупка“ од 600.000 килограми мазут во нафтените резерви, утврдија ревизорите

Објавено:

Министерството за одбрана(МО) повеќе од осум години не враќа позајмица од 600.000 килограми мазут дадена во 2017 година, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорски извештај за работата на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви за 2024 година.

Ревизорите констатираа и дека Владата четири години по ред нема донесено одлуки за количината и структурата на залихите во оваа Агенција.

Според ревизорскиот извештај, поранешната Дирекција за задолжителни резерви пред повеќе од седум години издала краткорочна позајмица од 600.000 килограми мазут на Министерството за одбрана. Намената била непречено остварување на функциите на Армијата, со обврска мазутот да се врати до 31 декември 2017 година. Овој долг останува нерешен, што директно ги намалува стратешките залихи и деновите на покриеност со нафтени деривати во државата, утврдиле ревизорите. Дополнително, нафтени деривати трајно се издавале преку владини одлуки за време на прогласени кризни состојби.

Агенцијата нема доставено предлог-одлуки до надлежното министерство за периодот од 2022 до 2025 година. Поради ова, Владата нема донесено решенија за точната количина и структура на задолжителните резерви. ДЗР нотира и системски слабости во законската рамка, бидејќи нема утврдена методологија за усогласување на вредноста на залихите. Постои и неусогласеност на надлежностите меѓу Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во делот на донесувањето подзаконски акти.

Иако финансиските извештаи добија позитивно мислење за објективност, ревизорите изразија мислење со резерва за усогласеноста со законите. Во ревизијата се констатирани и неправилности при исплатата на плати и прекувремена работа. Евиденцијата за прекувремените часови не е целосна за сите вработени, а платите и надоместоците биле исплаќани врз основа на бодови повисоки од оние утврдени со Законот за административни службеници.

Ревизорите потсетуваат дека слични проблеми биле констатирани уште во 2018 година и дел од тогашните препораки останале нереализирани. Отворено е и прашањето околу мандатот на директорот и постапката за именување вршител на должност.

Раководството на Агенцијата немало забелешки на нацрт-извештајот од ревизијата.

Финансиските извештаи се одговорност на раководството на Агенцијата, застапувано од Уљси Бекири, в.д. директор од 22.02.2022 година до 30.07.2024 година и Неџмедин Садики, в.д. директор од 30.07.2024 година.