Бензинот и дизел горивото поскапуваат на полноќ за три до седум денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Редици од автомобили се забележуваат пред дел од скопските бензински пумпи во обид граѓаните да наточат гориво по стара цена.
Одлуката на РКЕ за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,88 проценти е донесена веднаш по владината одлука за намалување на акцизите како дел од вонредна мерка поради поскапувањето на нафтата на светските пазари.

Новите цени, како што соопштија од РКЕ, ќе важат од 21 јули 2026 година од 00:01 часот. Најголемо поскапување ќе има кај дизелот, чија цена се зголемува за шест денари по литар и од ноќеска на полноќ ќе се продава по 94 денари за литар. Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за по три денари. Од 21 јули ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 90 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 92 денари за литар. Поскапува и екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за седум денари и ќе изнесува 93 денари за литар.
Од РКЕ информираат дека зголемувањето на цените е резултат на растот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар а во новата пресметка е применета и одлуката на Владата за намалување на акцизата за бензините за 1 денар по литар и за дизелот за 2 денари по литар.
Од РКЕ напоменуваат дека утврдените цени се максимални, а трговците на големо и мало можат да формираат и пониски цени за одделни нафтени деривати и горива за транспорт.
Владата претходно соопшти дека граѓаните со помош на оваа интервенција ќе заштеди еден до два денари од литар гориво.
„Без оваа владина интервенција, согласно пресметките на Владата, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу 4 денари по литар, додека со мерката се очекува зголемување од околу 3 денари по литар. Кај дизел-горивото, без донесената Одлука на Владата цената би се зголемила за околу 8 денари по литар, додека со намалената акциза се очекува покачување од околу 6 денари по литар“, се вели во владиното соопштение.

Претходно, во Собранието беше изгласано продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври. Кризната состојба прв пат годинава беше прогласена во март и продолжена поради ризик од нарушување на снабдувањето и ценовни шокови на светските пазари, предизвикани од геополитички тензии и нестабилност во транспортот на сурова нафта.


