Иран одобри премин на одреден број ирачки танкери со нафта низ Ормускиот Теснец

Објавено:

Иран одобри дозвола за поминување на одреден број ирачки танкери со нафта низ Ормускиот Теснец, по повеќекратните барања на Багдад упатени преку различни канали – пишува иранската државна новинска агенција ИРНА.

ИРНА наведе дека добивањето специјална дозвола за ирачките танкери било едно од главните барања на Багдад за време на посетата на Ирак на претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф.

Ирачкиот претседател Низар Амеди во саботата изјави дека Иран во последните денови го олеснил поминувањето на пловни објекти што превезуваат ирачка нафта низ Ормускиот Теснец, како и дека Багдад разговарал со ирански официјални лица за извозот на ирачка нафта преку Ормускиот Теснец.

Ирак е меѓу земјите кои се најмногу погодени од фактичкото затворање на Ормускиот Теснец од страна на Иран – пишува новинската агенција Ројтерс. Поморскиот сообраќај низ теснецот и натаму е значително под нивото од пред војната, а бродовите продолжуваат да се соочуваат со напади во областа.

Претходно, во петокот, американскиот претседател Доналд Трамп го нарече нарече Ормускиот Теснец „американска територија“. Изјавата доаѓа во време кога САД продолжуваат со воената блокада на иранскиот поморски сообраќај и пристаништата, а администрацијата на Трамп се соочува со тешкотии во обидите да стави крај на војната со Иран.

„Дури и не знаеме дали победивме, бидејќи јас во моментов го гледам Ормускиот Теснец како американска територија“, изјави Трамп, обраќајќи им се на присутните во Јужна Каролина – објави британски Гардијан.

Тој водеше кампања за сенаторката Дарлин Греам, која се кандидира за трајно пополнување на сенатското место на нејзиниот покоен брат, Линдзи Греам.

Заклучно со петокот, американските сили пренасочиле 68 комерцијални пловни објекти за да се придржуваат до блокадата, соопшти американската Централна команда (CENTCOM) на социјалните мрежи.

САД и Иран не успеаја да постигнат мировен договор, додека конфликтот се приближува до шестиот месец од започнувањето. Администрацијата на Трамп се обидува финансиски да го притисне Иран, ограничувајќи го пристапот до Ормускиот Теснец, клучен поморски пат за извозот на иранска нафта. Приближно една петтина од светската количина на нафта што се транспортира по море вообичаено минува низ овој воден пат, кој се наоѓа меѓу Иран и Оман.