Италија без доволно докази за „снајперскиот туризам“ во Сарево

Објавено:

Обвинителството во Милано во моментов нема доволно докази за да побара обвинение против осомничените во истрагата за наводен „снајперски туризам“ за време на опсадата на Сараево во 1990-тите, изјавил извор запознаен со случајот за Ројтерс.

Италијанските истражители истражуваат пет лица под сомнение дека Италијанци и други странски државјани платиле за пукање во цивили во опсаденото Сараево за време на војната во Босна и Херцеговина.

Истрагата беше покрената минатата година по извештајот поднесен од италијанскиот новинар и писател Ецио Гавацени.

Тој тврди дека богати странци доаѓале во Босна и Херцеговина за време на војната за да учествуваат во пукање во цивили од позициите на војската на Република Српска околу Сараево. Меѓу петмината осомничени е и милански аристократ кој, според сведоштвата собрани за време на истрагата, наводно рекол на вечера со поранешни соученици дека оди во Сараево за да пука во луѓе.

Според изворот, обвинителите во моментов имаат претежно индиректни докази, без цврсти материјални потврди што би овозможиле покренување судска постапка.

„Искрено, во овој момент, обвинителите не би можеле да побараат ниту еден од осомничените да биде изведен на суд“, изјави изворот за Ројтерс.

Главниот обвинител во случајот, Алесандро Гобис, и главниот обвинител во Милано, Марчело Виола, треба да се сретнат со обвинителите од Босна и Херцеговина и Белгија на 29 јуни во седиштето на Евроџаст во Луксембург за да разговараат за понатамошниот тек на истрагата.

Изворот наведува дека се очекува соработката со странските обвинителства и дополнителните истраги да донесат нови докази.
Во последните денови, италијанската полиција ја претресе куќата на еден од осомничените, 66-годишен поранешен општински службеник од Џенова, кој сега живее во покраината Алесандрија. За време на претресот, беа запленети пригушувач и фотографија од прецизна пушка.

Претресот се случи откако поранешниот партнер на осомничениот им кажал на истражителите дека имал кошмари за тоа што наводно го сторил пред триесет години. Истражителите, исто така, ги провериле наводите за постоење на мрежа во Милано која наводно организирала вакви патувања во воено Сараево, но досега не се пронајдени докази што ги потврдуваат овие тврдења.

За време на опсадата на Сараево од 1992 до 1995 година, околу 11.000 цивили беа убиени во гранатирање и снајперски оган од позициите на Армијата на Република Српска.

До денес, ниту еден снајперист не е гонет пред домашните или меѓународните судови.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, во своите пресуди против највисоките функционери на Република Српска, заклучи дека снајперската кампања имала за цел тероризирање на цивилите во Сараево.