Зеленски ја предупреди Белорусија да ја отстрани сигналната опрема што Русија ја користи за напади

Објавено:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја предупреди соседна Белорусија да ја отстрани сигналната опрема што ја користи Кремљ за таргетирање на Украина или, како што рече, Киев самиот ќе ја заврши работата.

„Која е поентата да се каже дека Александар Лукашенко не сака да биде во војната? Нека ја отстрани оваа опрема, нека ја исклучи. Мислам дека една недела ќе му биде доволна за да го стори тоа“, изјави Зеленски на прес-конференција во Киев на 19 јуни и додаде:

„Ако тој не го стори тоа, ние ќе го сториме тоа“.

Зеленски рече дека сигналните станици се наоѓаат во два белоруски региони на границата со Украина и нив ги користат руските сили за да помогнат во процесот на навигација за време на нападите врз украинските цивили.

Извештајот не можеше независно да се потврди.

Зеленски, исто така, зборуваше за средствата за рафинирање на нафта во Белорусија, тврдејќи дека земјата станала главен снабдувач на Русија и дека Лукашенко би можел да го спречи тоа.

„Денес тој е главен снабдувач, или еден од главните снабдувачи, за руската армија. Поточно, Лукашенко, поточно Белорусија. Може ли ова да се запре? Сигурен сум дека е во негова моќ. И тој е оној што го контролира“, додаде тој.

Лукашенко пак одговори дека Белорусија не планира да ја нападне Украина.

„Тоа никогаш нема да се случи. Никогаш. Немаме војници таму и никогаш нема да ги имаме. Тој го знае тоа, а и украинската армија го знае тоа“, рече белорускиот лидер, обвинувајќи ги „Европејците дека го го принудуваат Зеленски да дава такви изјави“.

Во последно време, Киев ги засилува нападите врз руската нафтена инфраструктура и складишта, честопати удирајќи длабоко во земјата – вклучително и во близина на главниот град Москва – создавајќи недостиг во Русија и зголемувајќи ги цените за цивилите.

Под Лукашенко, Белорусија важи за близок воен сојузник на Русија и ја поддржува војната на Москва против Украина, обезбедувајќи логистичка поддршка и повторувајќи ги заканите на Кремљ кон НАТО. Сепак, таа не ѝ се придружи на Русија во нејзината целосна инвазија која почна во февруари 2022 година.

Белорусија, како и Русија, се соочи со санкции од САД и Западот, иако Лукашенко вложи напори да ги подобри врските со Вашингтон, вклучително и преку ослободување на некои затворени противници и политички затвореници. Сепак, многумина остануваат зад решетки во Белорусија.

Лукашенко е на власт од 1994 година. Тој ја задржа власта на претседателските избори во 2020 година, прогласувајќи победа и покрај широко распространетите тврдења за измама од белоруската опозиција и Западот.